fbpx

НОВА УСЛУГА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ – БЕСПЛАТНА КОНСУЛТАЦИЈА СО ФАРМАЦЕВТ

30.11.2021

Фармацевтската грижа е дел од фармацевтската практика, која бара директен заемен однос на фармацевтот со пациентот, со цел: грижа за потребите на пациентот, поврзани со препишаните лекови и моменталната здравствена состојба. Основната цел се темели на правилно и навремено следење на здравствените проблеми на пациентите за постигнување сигурна, ефективна и хумана терапија. Доследното реализирање на сите елементи од фармацевтска грижа има круцијално значење за подобрување на здравјето и квалитетот на живеење на пациентите. М-р Јелена Мициќ, раководител на болничка аптека во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, објаснува за улогата на фармацевтот, сите прашања и дилеми со кои се соочува пациентот, но и за новата услуга за бесплатна консултација со фармацевт.

 

bolnicka apteka

Која е улогата на фармацевтот во процесот на лекување на пациентот?

Клиничките фармацевти во здравствените установи, каде имаат секојдневни и редовни интеракции со докторите, придонесуваат за подобра координација во медицинската грижа за пациентите. На клиничките фармацевти им се доделуваат привилегии за грижа на пациентите од страна на здравствениот систем, за извршување на цела палета функции во донесувањето одлуки за терапијата, како дел од тимот за здравствена заштита на пациентот. Овие привилегии се доделуваат врз основа на докажаното знаење на клиничкиот фармацевт за терапијата со лекови и евиденцијата за клиничко искуство.

Фармацевтот е во секојдневна и директна комуникација со докторите при изборот на терапијата со лекови која најдобро ги задоволува потребите на пациентот и ефикасно придонесува за севкупните цели на терапијата. Директно ги поддржува напорите на тимот за здравствена заштита, како би се едуцирал пациентот за есенцијално значајните чекори за подобрување или одржување на здравјето.

apteka

Фармацевтот имплементира конзистентен процес на грижа за пациентот кој обезбедува соодветност, ефективност и безбедност на употребата на лековите на пациентот. Во директна комуникација со докторите, фармацевтот, имплементира план за терапија кој ги исполнува општите цели на грижата за пациентите, утврдени од тимот за здравствена заштита. Планот за терапија е поткрепен од специјализирани знаења за научната и клиничката употреба на лековите, вклучувајќи го: дејството на лековите, правилно дозирање, правилно распоредување на интервалите на дозирање на лековите, несаканите ефекти и интеракциите помеѓу истите. Соработката на целокупниот тим за здравствена заштита се повикува на клиничко искуство, за да се пронајде најдобро решение за здравствените проблеми преку рационална употреба на лекови.  Фармацевтите ја вршат здравствената дејност на медицинското згрижување при придржување кон препораките за ординираниот лек. Од суштествено значење е добрата комуникација меѓу фармацевтот и пациентите, за да се вклучат самите пациенти во одлуката за нивната терапија и да се даде поддршка за придржување кон истата.  Притоа, фармацевтот треба да го адаптира стилот на консултација според индивидуалните потреби на пациентот, земајќи ги предвид физичките и интелектуалните можности.

Фармацевтот дискутира со пациентот за бенефитот од терапијата, прецизно ја објаснува болеста или состојбата и начинот како лекот влијае на истата. Во текот на консултацијата се објаснуваат целите на ординираната терапија, со потенцирање на предностите и негативните страни на медикаментозниот третман, со задолжително забележување на  невербалните назнаки кои индицираат потреби за дополнително објаснување.

apteka

Во системот на здравствена заштита, клиничките фармацевти се експерти за терапевтска примена на лековите. Тие рутински обезбедуваат проценки и препораки за терапијата со лекови на пациентите. Заклучно со фактот дека секојдневната соработка на фармацевтот и ординирачкиот доктор претставува примарен извор на научно валидни информации за безбедно, соодветно и ефикасно управување со медикаментозната терапија, за подобрување на здравјето и квалитетот на животот на пациентите.

Кои се најчестите прашања и дилеми на пациентите?

Пред вклучување ова стратегија или пред процена на постојната терапија, исклучително големо внимание се посветува на прашањата до пациентите: што знаат за лековите, дали веруваат во нив и дали ја разбираат потребата од нивната употреба. На пациентите им се потребни информации за нивната состојба и можните терапии, доколку сакаме да ги вклучиме во процесот на носење одлуки за нивната терапија. Притоа, потребно е формата и содржината на информациите да соодветствува за секој поединечен пациент. Најчестите прашања и дилеми на пациентите, за кои е потребно да се оствари комуникација фармацевт-пациент, и за кои треба да се посвети посебно внимание со цел разбирање на познавањата на пациентот, нивните верувања и грижи во врска со терапијата се:

  1. Што ќе се случи ако не се земаат препишаните лекови?
  2. Нефармаколошки алтернативи на лекови?
  3. Како да се намалат или прекинат лекови кои се земаат во тек на подолг временски период , особено кај оние кај кои постои забележително намалување на симптомите?
  4. Како да се прилагоди земањето лекови со дневната рутина?
  5. Како да се направи избор на лек, доколку пациентите сметаат дека земаат премногу лекови?
  6. Како да се направи најсоодветен терапевтски план на земање кога пациентот зема терапија која е составена од два или повеќе лекови?
  7. Дали лековите се земаат во тек на оброк или независно од истиот?
  8. Како лековите влијаат на состојбата?
  9. Можни или значителни несакани дејства и што да се преземе при нивна појава?
  10. Која е постапката во случај на пропуштена доза на лек?
  11. Дали се потребни понатамошни терапии по првото препишување?

bolnicka apteka

Кои интервенции се потребни кај пациентите со хронична терапија, комбинација  на лекови?

Пациентите не секојпат ги примаат лековите точно како што се препишани, така што здравствените работници не се свесни како пациентот ја применува ординираната терапија.  Затоа процената не се прави за да се мониторира пациентот, туку да се потврди дали на пациентот му се неопходни дополнителни информации и поддршка. Всушност кај пациентите со хронична терапија најголемиот акцент се посветува на процена и поддршка за придржување, како и правилен начин на применување на истата. Пациентите кои применуваат хронична терапија најчесто имаат потреба од поддршка за ефективна употреба на лековите. Таа се состои во понатамошни информации и дискусии за терапијата  или со менување на терапевтскиот пристап.

Притоа, терапевтската листа на лекови што ја поседува пациентот е корисна алатка во овој процес. Истата треба да ги содржи имињата и дозите на препишаните лекови, како и на хербалните и нутритивните суплементи. Таа служи за ефикасно проценување на ординираната терапија, што претставува клучен механизам во правилната примена на терапијата и обезбедување на посакуваните ефекти од истата.

Фармацевтот треба да го познава ставот на пациентот за својата болест и терапија, за да можат заедно да учествуваат во донесувањето одлуки во врска со третманот. Едноставните интервенции за поголема вклученост на пациентот не значи дека ќе го продолжат времетраењето на консултациите, напротив претставуваат бенефит, особено во тек на долготрајните терапии.

Врз основа на терапевтската листа се овозможува правилен мониторинг и спроведување на следните интервенции:

  • Примена на повеќето препишани лекови во соодветни интервали на дозирање, согласно потребите и изборот на пациентот
  • Проверка на интеракции помеѓу сите препишани лекови кои ја сочинуваат терапевтската листа
  • Мониторинг на нов вклучен лек во постојната листа на лекови за интеракции кои ќе резултираат со намалено или зголемено дејство на лекот
  • Прилагодување на земањето лекови со дневната рутина на пациентот
  • Охрабрување на пациентот за придржување кон терапијата
  • Појаснување на сите нејаснотии околу начинот на апликација на лекот во однос на храна и друга суплементарна терапија.
  • Појаснување на целта на ординираната терапија и отворена дискусија за предностите и негативните страни на истата.

Бесплатна консултација со фармацевт за сите пациенти во Клиничка болница „Аџибадем Систина“

Клиничката болница „Аџибадем Систина овозможува промотивна услуга – бесплатна консултација со фармацевт за своите пациенти, за сите прашања што се однесуваат на ординираната терапија, придржување кон истата, подготовка на фармакотерапевтски план и евалуација на медикаментозниот третман, со цел подобрување на здравјето и квалитетот на живеење на пациентите. Едноставно, преку нашиот контакт-центар 02/3099-500 можете да закажете термин и да се консултирате со фармацевт, кој ќе ве контактира во најбрз можен рок.

Целта на услугата?

Фокусот се темели на интервенции со кои ќе се надминат некои практични проблеми со кои пациентите се соочуваат при редовното земање на терапијата. Интервенциите се таргетираат според индивидуалните потреби на пациентите и се состојат во:

  • Совет до пациентите да го евалуираат секое земање лек
  • Охрабрување на пациентите да ја следат својата состојба
  • Поедноставување на дозниот режим
  • Совет за бенефитите, несаканите ефекти и долготрајните резултати за да може пациентот да донесе информиран избор
  • Потенцирање на консултација, особено кај популација на пациенти кои применуваат терапија составена од повеќе лекови истовремено, преку евалуација на комплетната терапија согласно лабораториските  параметри, клиничките наоди и  моменталната здравствена состојба.