fbpx

Нов систем за макроскопска анализа на примерок со фотографирање и видеозапис eдинствено во „Аџибадем Систина“

23.04.2019

Нов систем за макроскопска идентификација на материјали беше пуштен во употреба во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Овој систем е единствен од ваков тип во државата и тоа е голема предност за нашата болница.

Станува збор за MACRO PATH систем за макроскопска анализа на оперативен примерок. Она што е карактеристично за системот е што со него може да се фотографира примерокот за хистолошка анализа, односно системот е таканаречен „image analyzing system“.

„Значи, се фотографира примерокот, се прават сите потребни мерења и најважно од сè, со него може да се сними слика и аудиозапис кој влегува во завршниот хистопатолошки наод. Мерењата на промените, површината на зафатената лезија, оддалеченоста од здраво ткиво и други битни параметри сега ќе можат да се прикажат на слика која останува во документацијата на пациентот и по потреба таа може да се издаде во наодот“, вели д-р Џенис Јашар, специјалист по патологија.

Инаку, овој систем може да сними и видео од ткивата или органите кои се, на пример, оперирани. На ваков начин добро се гледаат сите состојби, па видеата може да се користат за образовни потреби, односно за едуцирање на студентите и идните медицински лица. На видеата се гледа и како се обработува оперативен примерок и како примерокот се подготвува за микроскопска анализа.

„Ова во голема мерка го олеснува начинот на обработка на оперативен примерок и нема потреба од запишување и бескорисно цртање шеми“, вели д-р Јашар.

Тој потенцира дека овој систем ги поврзува сите патолози во еден оддел и им овозможува комуникација во времето кога се обработува примерокот.

MACRO PATH засега е единствен во нашата болница и воопшто во државата.

На презентацијата во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ месецов патолозите имаа можност да се запознаат со предностите на овој систем кој беше инсталиран и пуштен во употреба на 16 април.