fbpx

Незнаењето како портал или што е тоа што Сократ знаеше дека не го знае

02.04.2019

Човек може без сѐ, но кога ќе нѐ напушти животната радост, дури и на кратко, тоа е чувство на безнадежност кое не може со ништо да се спореди. Ако тој губиток на животна радост оди под рака со сознанието за сопствената ограниченост, тогаш она што се нарекува „темна ноќ на душата“ може да потрае подолго. Дали поради системот на образование, или начинот на кој функционира општеството, секој поединец мора повторно и повторно да удри со главата во ѕид и да го доживее она непоправливо чувство дека на крајот, исто како и на почетокот, човек останува нем и немоќен пред сопственото откритие на своите брутални ограничувања – без разлика колку и да работи на себе, на своето знаење и на својот духовен напредок. Без разлика дали е во прашање нашиот перцептивен или когнитивен апарат – спознанието за сопствениот лимит е тешко – но сè што изгледа како темнина, во себе содржи извор на светлина и обратно. Затоа што онаа реченица на Сократ – сега знам дека ништо не знам – не е само крајна констатација на душа која се соочила со сопственото ограничување – туку тоа всушност е и портал! Ако, библиски кажано, целата мака на протерувањето од рајот потекнува од дрвото на спознание, тогаш природно е дека тие плодови, колку повеќе и повеќе ги јадеме, нема да ни го вратат тој ист рај. Колку ова и да изгледа претерано, да видиме што е извор на сите судири меѓу луѓето, од оние семејните, политички, социјални, верски, емотивни до филозофски. Самото уверување дека нешто ни е совршено јасно доведува до уверување дека сме во право и тогаш со сета сила ги напаѓаме оние кои не се во право, а воедно исто како и ние, се уверени дека се во право.

Ако малку подобро ги анализираме сите ситуации ќе видиме дека колку повеќе еден човек е поуверен во сопствените ставови за доброто, злото, убавото и исправното, парадоксално, толку повеќе е просто правило – парадоксално, колку човек е поглупав, толку е поуверен дека е паметен. Во таа смисла, Сократовиот заклучок за спознанието дека ништо не знае, не е само крајна точка на западната филозофија – тоа е и вистински портал на човечкото ослободување бидејќи токму уверувањето дека нешто знаеме и го разбираме нѐ прави не само агресивни туку и подготвени по секоја цена да „гинеме“ за тоа спознание. Бидејќи ако ги изземеме психопатите, сите судири, кавги, омраза се производ на увереноста дека сѐ ни е јасно за овој свет и неговата вистина. Затоа Сократовата реченица всушност е таен излез од духовниот лавиринт на човештвото. Затоа што човек кој мисли дека нешто знае и дека разбрал не само што ќе влегува во судири со другите туку и со сопственото срце! Тоа е оној момент на космичка замка кога ќе се збуниме дека она во што веруваме е она што го знаеме…

Во ерата на информации, кога напредокот на цивилизацијата се мери по перформансите на мобилниот телефон а не на нашите души – и личниот и колективниот спас е всушност во оваа Сократова реченица. Тоа не е само излез од наследството кое е главен отров на нашата душа, туку и од кафезот на дуализам кој нè држи во вековен затвор на судири и омраза.