fbpx

НАЈДОБРАТА КОШАРКАРКА МЕЃУ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ: АНДРОНИКИ БИБОВСКА ПРАВИ СОВРШЕН СПОЈ НА СПОРТОТ И МЕДИЦИНАТА

28.10.2021

„Да играш на вистински начин – тоа значи да играш несебично, да ги почитуваш достигнувањата на останатите во тимот, да играш напорно и да ја исполниш својата улога и цел“.

Зборовите на еден од најголемите тренерски кошаркарски умови, тренерот во НБА-лигата Грег Поповиќ ја знаат многумина, па и тие кои не се занимаваат активно со кошарката. За многу вљубеници во овој спорт, па и за Андроники Бибовска, сестра за едукација и тренинзи во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, е животна определба. Својот кошаркарски свет го чува и го негува во секој момент од животот и покрај тоа што сега има сосем друга професија. Бибовска има посебна љубов кон овој спорт иако открива дека од мала секако сакала да работи со медицината. На прашањето зошто кошарката и зошто медицината, вели дека одговорот е едноставен – и двете бараат одговорност, посветеност, труд, колегијалност и создавање тим кој води до победи.

niki

ПЛЕЈМЕЈКЕР И ИСКЛУЧИТЕЛЕН ТАЛЕНТ

Како и за сите други успешни луѓе, во која било професија, така и за неа, кошарката и медицината се сон од мали нозе. Определба која знаеле дека ќе ја остварува. А за тоа е важно и семејството – освен што често посетувала спортски натпревари, нејзиниот татко е спортист – поранешен фудбалер на ФК „Вардар“ и еден од основоположниците на фудбалскиот клуб ССК „Драчево“. Вели, топката била присутна во нивниот дом отсекогаш. „Растев во период кога Македонија беше дел од Југославија и кога речиси во секој спорт во светски рамки се натпреваруваа тимови и поединци со кои сите се гордеевме. Училиштата посветуваа многу внимание на правилниот раст и развој на децата и ги насочуваа кон одреден спорт кој нив најмногу ќе им помогне во самоискажување и успех“, ја почнува својата приказна Бибовска. Ги играле сите спортови, а пресврницата била по укажувањето на професорот по физичко воспитување Јован Пејковски, кога била петто одделение и тогаш најмала ја вклучил во училишниот тим кој се натпреварувал во повеќе спортови. Вели дека кошарката во тој период била многу популарна и таа без размислување станала дел од кошаркарскиот тим. Ределе успеси, а само една година подоцна како исклучителен талент станала дел од кошаркарскиот клуб „Младинец“. „На радоста ѝ немаше крај, добив дрес, опрема и за првпат бројот 7 со кој и ден денес сум емотивно поврзана“, вели Бибовска. Додека родителите барале освен спортот да не го запоставува и училиштето, таа останала доследна и посветена и на нив, но и на своите соништа. Секогаш била одлична и не заборавила дека за да биде медицинско лице мора да е посветена. Затоа, вели, си ги поставила целите во животот и почнала да ги остварува. „КК ‘Младинец’ за кусо време влезе да се натпреварува во Првата кошаркарска лига, а јас бев третиот играч на позиција плејмејкер. Прв вистински турнир на кој настапував беше по повод Денот на младоста, 25 Мај, и моите први 5 минути на теренот.

androniki

Бев најниска, најмала и не дадов ниту еден кош, но успеав да одбранам и додадам неколку ‘квалитетни’ асистенции. На среќата ѝ немаше крај, два дена не можев да заспијам од радост, а баскетот од тогаш имаше почесно место покрај мојот кревет. Се нижеа натпревари и на самиот почеток на првенството двата организаторана играта се повредија и не можеа да продолжат со тренинзи. Тука ја добив првата шанса за поголема ‘минутажа’ и за неколку месеци станав главен плејмајкер на клубот. Кошарката веќе како вирус навлезе во секој мој крвен сад и немаше веќе запирање. Неделно имав 5 тренинзи и натпревар секој викенд. Почнав со полупрофесионален однос и ангажман и го потпишав првиот договор со клубот. Живеев комплетно спортски живот, учев напорно и уживав во секоја победа како да е олимписки медал. Немаше натпревар и тренинг на кој отуствував, немаше задача која не ја прифаќав и исполнував. Со еден збор, живеев за спортот и спортот живееше во мене“, вели Бибовска.

 УЧЕЊЕТО И СПОРТОТ ЗАЕДНО, НАПОРНО ВО МНОГУ УСПЕСИ

Откако се запишала во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, кошарката останала нејзина преокупација. „Кошарката ме следеше во секој чекор и набрзо и таму си направив своја кошаркарска ‘банда’. Имав среќа да учам со талентирани ученици со кои и ден денес знаеме да изиграме баскет. Во мојата генерација учеа сегашните големи имиња во медицината д-р Ален Јовчевски, д-р Владимир Чадиковски, д-р Панде Чукалевски, д-р Арбен Реџепи, но и професионалниот кошаркар Дејан Јовановски, кој уште тогаш беше длабоко навлезен во кошаркарските ангажмани. Учевме многу, но секогаш наоѓавме време за баскет 3 на 3, растевме и си помагавме во напорните задачи кои медицината ги бараше од нас. Следеа многу натпревари, кошаркарски кампови, следење на НБА-лигата, вежбање во вежалници, базени, следење на ‘идолите’ кои нижеа светски успеси и учење, учење, учење“, вели Бибовска. Случка која секогаш ќе ја памети е кога во кошаркарскиот камп како предавач се појавила Стојна Вангеловска – капитенот на кошаркарската репрезентација на Југославија и добитник на олимписки медал и ѝ одржала неколку индивидуални тренинзи. Ѝ подарила сет опрема и ѝ кажала дека само со вистинска волја и љубов секоја цел е остварлива При крај на средното училиште Бибовска добила понуда од познатиот македонски кошаркарски генијален стручњак Џељо Красниќ, кој дури дошол кај нив дома. На Бибовска ѝ понудил стипендија на Високата медицинска школа во Битола и место плејмејкер во женскиот кошаркарски гигант од Битола – КК „ Битолатекс“. Размислувала само еден ден и се преселила во Битола. Играла прво за КК „Битолатекс“, подоцна КК „Пелистер“ и тоа вели е една од најубавите спортски приказни кои ѝ се случиле во животот. Имала 17 години и живот исполнет со напорни тренинзи, станување во 5 часот наутро, вежби, но и многу учење за факултетот на кој се запишала. „Битолската публика е посебна приказна, тоа треба само да се доживее. Замислете јас бев дете израснато со дрес и знаме на Вардар, ‘комита’ во душа и срце, а играв за клубот за кои навиваа ‘чкембарите’. Зборував скопски и првите три недели не разбирав на кој јазик ми се обраќаат соиграчите“, раскажува Бибовска.

androniki

ЉУБОВТА НИКОГАШ НЕМА ДА ПРЕСТАНЕ, НОВИ ИСКУСТВА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

По завршувањето на студиите во Битола се вратила во Скопје и повторно се вратила во матичниот клуб, но истовремено се вработила и на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје. Станала анестетичар, вели дека сфатила оти спортот многу ѝ помогнал во професијата. „Напорните тренинзи во кошарката беа исти како едно тешко напорно адреналинско дежурство. Кошаркарскиот тим е ист како оној во операциона сала – колку е тимот поискусен, резултатот е подобар, двете бараат макотрпна работа и огромна волја и љубов. Сите сме еднакво важни и не се може без никого “, вели Бибовска. Сега веќе не се занимава активно со спортот, но нејзиниот сопруг, кој ѝ бил најверен навивач, и нејзините синови секогаш со љубов играат заедно. Веќе пет години е во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како медицинска сестра за едукации и тренинзи. Во болницата има тим кој трча на сите маратони, спортски и хуманитарни трки и кој заедно со Бибовска понекогаш игра и кошарка. „Кошарката не е само игра, туку и стил на живот, кошарката е показател на неуништлив дух и желба за вистински височини, таа сплотува, радува. Каков си во кошарката, таков си и во животот – фер, тимски играч, колегијален, несебичен, хуман, организиран, точен, прецизен,упорен, сконцентриран, зависник од адреналин и подготвен за справување со секакви непредвидливи акции. За крај, секогаш кога ќе ме прашаат за кого навивам, одговорот е ист – Скопје е градот, Вардар мојот клуб. Еден живот, една љубов. Вардар“, завршува Бибовска.

niki sistina