Докторите од “Аџибадем Систина“ се изборија за мојот живот

AcibademSistina Dimushevski 04

„Многу малку треба за на човек да му се случи пресврт и да се најде во состојба каде што секундите одлучуваат за животот. Јас имав среќа што по несреќата бев буквално препуштен во рацете на најдобриот тим доктори што сум имал можност да ги запознаам. Нивната брзина, стручност и човечност беа клучните причини што денес повторно застанав на нозе и се радувам на животот“, вели 58-годишниот Александар Димушевски, кој беше тешко повреден од автомобил кој со силна брзина удри во него за време на кружната трка во Скопје на 22 октомври 2017 година.

Александар Димушевски - Вуле е едно од најпознатите имиња во македонскиот автомобилистички спорт, кој досега има освоено преку 300 пехари на балкански и светски автомобилски трки. Повеќе од 35 години се занимава со овој адреналински спорт и е организатор на бројни автомобилски трки во Македонија, вклучувајќи ја и онаа на 22 октомври, кога автомобил „хонда“ со голема брзина излета од патеката и удри директно во него.

Семејството и мојот пријател Виктор одлучија да ме донесат во „Аџибадем Систина“

Веднаш по несреќата, со амбулантно возило ме однесоа во ургентниот центар на Градската болница „8 Септември“. Оттаму, по барање на моето семејство и на мојот пријател Виктор, бев пренесен во Ургентниот центар на „Аџибадем Систина“. Среќен сум што тие го направија вистинскиот чекор, ме донесоа во болница од светски ранг. Досега не сум имал потреба од болница и не сум знаел дека кај нас постои болница организирана во секој поглед. Тоа беше пресудно за моето заздравување.

AcibademSistina Dimushevski 02

Бев примен како пациент во животозагрозувачка состојба

Дека состојба на Димушевски била навистина критична, потврдуваат и докторите кои во првите моменти буквално се изборија за неговиот живот. Д-р Михајло Ивановски, дежурен трауматолог и д-р Никола Шиков, анестезиолог од Општа интензивна нега, велат дека иако пациентот бил свесен, во болницата дошол со сериозни повреди. „Се работеше за тешко повреден, политрауматизиран пациент, со сериозни повреди на главата, градниот кош и белите дробови и скршеница на десната потколеница. Беше примен со билатерална сериска фрактура на повеќе ребра, со билатерален пнеумоторакс (насобирање воздух во плевралниот простор), особено изразен на десната страна, таканаречен тензионен пневмоторакс, кој доколку не се решеше веднаш, ќе доведеше до непосреден смртен резултат кај повредениот. Веднаш беше повикан нашиот торако-васкуларен хирург, д-р Митко Караѓозов, кој веднаш по приемот на пациентот постави билатерални торакални дренажи, со што непосредната опасност по пациентот беше решена уште во првите десетина минути по приемот“, вели д-р Шиков.

Следен предизвик – отстранување дел од белодробното ткиво

Но, веднаш следеше друга опасност сериозно нагмечување на ткивото на белите дробови, особено од десната страна, со многу лоша гасна размена и беше изнудено поставување на пациентот на механичка вентилација. Состојбата на пациентот не бележеше значително подобрување и во наредните денови, во договор со д-р Митко Караѓозов беше направена сериозна и тешка операција - отворање на градниот кош и отстранување на дел од десното белодробно крило, кој беше и најмногу оштетен и не дозволуваше адекватна гасна размена и ослободување на пациентот од механичка вентилација.

Почнав самостојно да дишам

По успешно изведената операција,следеше период на закрепнување. Целиот тим од Одделот за интензивна даваше напори да бидам ослободен од машината за механичка вентилација и да почнам самостојно да дишам. „И во тоа постигнавме успех, морам да кажам, со максимална помош и на самиот пациент, кој ги слушаше нашите совети и успеа по таква сериозна повреда, повторно да научи нормално и спонтано да дише“, вели д-р Шиков.

AcibademSistina Dimushevski 05

Издржав уште две операции

Откако мојата состојба беше постабилна, докторите одлучија дека треба да се завршат уште неколку хируршки зафати, на лицето и на десната потколеница. „Следуваа уште 2 сериозни операции - максилофацијална операција - средување на повредите на лицевите коски, носот и дното на левата очна орбита, кои благодарение на соработката со хирурзите од Универзитетската клиника за максилофацијална хирургија се спроведе во нашата болница без никакви компликации. Тука се вклучија и офталмолозите со своите секојдневни прегледи и препораки за терапија“, вели д-р Никола Шиков. Потоа, д-р Михајло Ивановски ме презеде во негови раце. И оваа операција, како и претходните беа чекор кој мораше да се направи за да можам целосно да се движам. „По целосното закрепнување на белодробните крила, по неколку недели беше направена оперативна репозиција и фиксација на скршеницата на десната потколеница, која претходно беше само имобилизирана со гипс. По кус повторен престој во болница, пациентот е пуштен на домашно лекување со препорака за рехабилитација со физикална терапија“, вели д-р Ивановски.

Д-р Митко Караѓозов е виртуоз

Секоја чест на д-р Митко Караѓозов, виртуоз од доктор! Сега се потсетувам и си велам, имав голема среќа што д-р Караѓозов беше тука и буквално за 10 минути дојде откако пристигнав во Ургентниот центар. Тој за мене е вистински спасител, човек кому вечно ќе му бидам должен поради тоа што го направи и невозможното за да ме спаси. „Кога дознав во каква состојба сум бил донесен во болницата и дека буквално секунди одлучувале дали ќе останам жив, неможам да поверувам дека постои човек, доктор кој застанал пред толку голем предизвик и покрај тежината на мојот случај успеал со операција да ги “поправи” сите нарушени функции во градниот кош што ударот ги предизвикал. Но, кога зборувам за д-р Караѓозов, не зборувам само за професионалниот дел, во кој кажав дека е виртуоз, туку зборувам и за посветеноста, пожртвуваноста, што само зборува за неговата димензија. Тој беше буквално целосно посветен на мојот случај и ја следеше секоја моја промена, знаеше да ме утеши, да ми даде надеж, знаеше и да каже кога работите не одеа на добро. Но, беше постојано тука, со мене. Имав чувство дека во оваа болница не сум сам ниту една минута“, вели Димушевски.

AcibademSistina Dimushevski 01

Постојано сум во контакт со докторите

По болничкиот престој, на Димушевски му преостанува да заврши со физикалната терапија за заздравување и целосно враќање на функцијата на ногата. Вели дека и покрај тоа што си замина од болницата, има постојана комуникација со докторите. „Уште еден импресивен податок за болницата, докторите не те забораваат кога ќе излезеш од болница. Тие постојано ми се јавуваат, прашуваат дали сум добар, како се чувствувам. Доаѓам на контроли кога ќе ми кажат, имаме супер комуникација. Сега се чувствувам навистина добро, полека ми се враќа енергијата. Докторите велат дека имав среќа што претходно имав силен и здрав организам, спортував, не пиев, не пушев, немав други болести, па телото добро ги поднесе сите лекарства и ги издржа комплицираните интервенции. За моето заздравување беше клучна и поддршката од моите најблиски, семејството Давитковски и од компанијата PSS “, вели Димушевски.

AcibademSistina Dimushevski 03

Мојот втор роденден!

Кружната трка во Скопје беше голем настан за Димушевски, кој по пауза од 7 години повторно ја оживеа во градот. Но, ни најмалку не очекуваше дека овој настан ќе го промени неговиот живот. „22 октомври ќе го прославувам како мој втор роденден бидејќи буквално од тој ден живеам нов живот. Не само физички, туку и моите размислувања и гледања на светот станаа поразлични. Сфаќам дека е потребна секунда за да ти се смени животот. Но, благодарение на Господ и овие прекрасни луѓе во “Аџибадем Систина”, денес сум здрав и се радувам на животот.“

Контакт Аџибадем СистинаЗакажи преглед, термин

 

 Acibadem Sistina Fotogalerija

  

Спортски спонзорства

Мобилни апликации

Online Library