fbpx

Кан и Гете добија поубаво модерно живеалиште

10.07.2019

Кан беше сам, но не повеќе. Сега се заедно со малиот Гете, а и двајцата се вистинска атракција во Зоолошката градина во Скопје. Двата морски лава се мили, убави, умни. Од неодамна имаат новини во живеалиштето во Зоолошката откако Клиничката болница „Аџибадем Систина“го доуреди со своја донација. Поставен е нов убав и функционален покрив. Досега немаше и тоа беше навистина голем проблем за Кан, затоа што генерално нему му пречеше топлото сонце. А сега, освен што е покриено, живеалиштето е опремено и согласно нивните потреби. А тие за тоа возвраќаат со дополнителна љубов.

 

„Заедно создаваме подобар свет за животните” – ова е испишано на новиот дом на Кан и Гете. Тоа беше и главната причина зошто „Аџибадем Систина” одлучи да ги донира парите и да направи нешто што навистина ќе им значи. Како општествено одговорна компанија, клиничката болница, која е лидер по здравствените услуги во регионот, смета дека сите мора поодговорно да се однесуваме кон животните. А тие навистина знаат да го разубават денот на луѓето, да го исполнат со љубов, со мир.

Дента кога бевме во Зоолошката градина беше навистина топло. Кан и Гете беа исклучително расположени, а нивното расположение го поттикна и Венјамин, човекот кој секојдневно ги храни, им дели љубов и ја добива назад. Навистина. Тие имаат посебен однос. Начинот на кој им дава храна е посебен ритуал. Во викендите тоа е на очиглед на децата, кои во поголем број доаѓаат во Зоолошката. Буди емоции, но и аплаузи и воодушевување. Венјамин и самиот тврди дека живелиштето сега изгледа многу подобро, а сликата немаше да е комплетна ако не се гледа дека и Кан и Гете се навистина расположени.

Покривот е квалитетно изработен, а Клиничката болница „Аџибадем Систина“ тргна во обидот да даде придонес искрено и со чиста љубов кон децата и кон животните. На крајот, добро е што први за кои се заложи се токму Кан и Гете, кои заслужуваат и повеќе.