fbpx

Интервју Галена Дулевска: Претставник на Општа медицина 6-та година

24.12.2020

Пред крајот на првиот дел од Академската пракса Аџибадем Систина разговаравме со Галена Дулевска, координатор на 6та година Општа медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитетот ,,Гоце Делчев’’ во Штип. Таа го споделува своето лично и искуството на сите студенти кои од 9 ти ноември, досега, беа дел од Академската пракса и тимот на КБ,, Аџибадем Систина’’.

Се едуцираме од врвни доктори со долгогодишно искуство кои несебично беа целосно посветени кон нас и покрај нивната работа со пациентите, што е исклучително ретко во останатите медицински установи, вели Галена Дулевска студент на општа медицина од 6 –та година која во изминативе два месеци посетуваше пракса во Клиничката болница Аџибадем систина. Таа е студент на Факултетот за медицински науки при УГД Штип. Претходно студентите имале само летна пракса, сега добија можност да учат во Аџибадем Систина Дулевска вели дека со ова им се реализира желбата, но и потребата да се едуцираат во ваков центар.

AcibademSistina Studenti

Праксата се одвиваше со ротација на студентите поделени во групи. Во овие 2 месеци кои оддели ги посетувавте и на кој начин се правеше распределбата?

Дулевска: Праксата на студентите на Општа медицина 6-та година се одвива според претходно направен план како резултат на склучен договор помеѓу Факултетот за Медицински науки при Универзитет “Гоце Делчев” – Штип и Клиничката болница “Аџибадем Систина”. Во овие 2 месеци ги посетувавме одделите Интерна медицина, Хирургија, Гинекологија и акушерство, Педијатрија, но и голем дел на изборни предмети како Дијагностичка и интервентна радиологија, Дерматовенерологија, Онкологија и радиотерапија, Оториноларингологија итн. Бевме поделени во групи по 8 студенти на еден оддел, со временски период од 08:30-14:30 часот. Распоредот и групите по оддели ги правев јас како Претставник на Општа медицина 6-та година во договор со Проф. Д-р Андреј Петров, Деканот Проф. Д-р Милка Здравковска и Продеканот Проф. Д-р Зденка Стојановска на Факултетот за медицински науки, УГД – Штип.

Досега веројатно сте посетувале и други пракси со оглед на Вашата определба за медицината, што е задолжително. Може ли да се направи една паралела за искуството на студентите претходно во споредба со искуството во Аџибадем Систина?

Дулевска: Праксата што задолжително ја посетувавме во текот на студиите беше во Клиничката болница во Штип, но исто така летната пракса да ја посетуваме во своите градови. Има голема разлика во искуството на студентите претходно во споредба со искуството во “Аџибадем Систина”, бидејќи имаме можност последната година од студирањето да ја посетуваме во најголемата и најопремена приватна болница во регионот, особено кога јавното здравство поради пандемијата со Ковид-19 не може да ни обезбеди најсоодветна пракса која ни е неопходна за стекнување на потребното знаење и искуство како идни доктори. Благодарни сме што “Аџибадем Систина” ни обезбеди униформи, превоз, храна и целосна заштитна опрема за Ковид-19. Воедно сите студенти сме презадоволни што се едуцираме од врвни доктори со долгогодишно искуство кои несебично беа целосно посветени кон нас и покрај нивната работа со пациентите, што е исклучително ретко во останатите медицински установи.

AcibademSistina GalenaDulevska student

Што претставува за Вас ова искуство и времето поминато како дел од тимот на Аџибадем Систина?

Дулевска: Според мене најголема желба на еден студент е да има можност да се едуцира во медицинска установа која што нуди комплетна медицинска услуга на едно место, како современи медицински технологии и опрема, мултидисциплинарен пристап во  дијагностицирање и лекување на болестите, мониторинг на хигиената, врвен тим на доктори, а со тоа најдобра медицинска грижа на пациентите. Благодарејќи на тимот на “Аџибадем Систина” имавме можност да научиме многу нови работи, од земање на анамнеза, детален преглед, испитување, поставување дијагноза и лекување, па се до присуство на оперативни интервенции.

Што е она кое лично тебе и на колегите од споделените меѓусебни искуства Ви остави најголем впечаток?

Дулевска: Најголем впечаток мене и на моите колеги ни остави посветеноста и грижата на докторите кон нас како студенти, пренесување на нивното знаење и искуство, нивниот однос кон пациентите, координираноста меѓу докторите и мултидисциплинарниот пристап во лекувањето, што е многу важно за нас како идни доктори.

Дулевска: Би сакала во оваа прилика да им се заблагодарам на целиот тим на Клиничката болница “Аџибадем Систина, Деканот Проф. Д-р Милка Здравковска и Продеканот Проф. Д-р Зденка Стојановска на Факултетот за медицински науки, што ни овозможија да се стекнеме со потребните знаења и искуства што ќе ни помогнат во иднина да напредуваме и да придонесеме во градење на стабилен здравствен систем.

 

извор: MKД.МК