fbpx

Интервју д-р Фидановски: ИНВЕСТИРАВМЕ ВО ДЕТСКОТО ЗДРАВЈЕ, СОЗДАДОВМЕ НАЈСОВРЕМЕНА ПЕДИЈАТРИСКА БОЛНИЦА ВО РЕГИОНОТ

12.09.2020

Со отворањето на новата педијатриска болница, „Аџибадем Систина“ го заокружува третманот на детските болести и отсега тука буквално на едно место ќе можете да добиете комплетен третман, од дијагноза до терапија. Во новиот 4.000 м2 модерно уреден простор, опремен со најсовремена технологија, за здравјето на најмалите пациенти се грижи еминентен тим од докажани педијатари супспецијалисти. За досегашните резултати и искуства, како и за новите услуги во педијатриската болница, разговараме со д-р Душко Фидановски, шеф на педијатрија.

Д-р Фидановски, гледано од денешна перспектива, колкав беше предизвикот да се создаде ваква болница каде што грижата за децата е на прво место?

Идејата за создавање на една ваква институција беше една од нашите цели кои ги поставивме кога започнавме со работењето во болницата пред нешто повеќе од 10 години кога тука постоеше добро организирано породилиште и неонатолошко одделение. Сите изминати години работевме на тоа освен оддел за новородени да се создадат услови за пружање здравствени услуги од другите супспецијалности на педијатријата. Со големо разбирање и поддршка од управата на болницата во секој поглед, благодарение на создадените просторни, кадровски и технички услови и на професионалното работење на педијатрите, како на оние кои веќе работеа на одделот, така и на тие кои подоцна ни се придружија во тимот, успевме да ја стекнаме довербата кај пациентите во нашата земја но и во регионот.

pedijatrija

Постојано растевме и се надградувавме, па освен Неонатална интензивна нега со итен неонатален транспорт, кој беше првиот но многу важен исчекор напред, ги создадовме: педијатрискиот стационар и педијатрискиот поликлинички амбулантски дел со детски ургентен центар, а минатата година овој процес на создавање услови за пружање интегрална грижа за детското здравје го заокруживме со отварање на Одделот за детска хирургија. Оваа година, со отварањето на Одделот за детска кардихирургија и Интензивна нега за пациенти со потреба од кардиохируршки интервенции и други итни кардиолошки состојби, можам да кажам дека нашиот сон за создавање на детска болница од единствен тип која пружа комплетна здравствена услуга (од дијагностика, третман и долготрајно следење) на децата на возраст од 0-16 години е пред потполно остварување.

Д-р Фидановски, може ли да ни објасните што опфаќа новата педијатриска болница?

Оваа педијатриска институција, која по својата функција на интегрална грижа за детското здравје претставува вистинска детска болница, зафаќа простор од 4.000 м2 од болничкиот комплекс КБАС и е составена од неколку единици кои се функционално и просторно поврзани и кои го овозможуват мултидисциплинарниот пристап  во пружањето на сите здравствени услуги кај детската популација.

Би почнал прво од новиот поликлинички дел кој се протега на површина од околу 1.200 м2 уредени по највисоки здравствени и естетски стандарди за болничка дејност во кој ќе се одвива амбулантската активност (дијагностика, краток третман и следење на хронични пациенти) од следните супспецијалности на педијатријата: пулмоалергологија, ревмокардиологија, неврологија, нефрологија, хематоонкологија, оториноларингологија, радиологија, детска хирургија и гастроентерологија. Во склоп на поликлиниката ќе функционира и Центарот за рано откривање и третман на децата со пречки во развојот во кој ќе има услови за комплетно згрижување на ваквите деца, од поставување дијагноза, па преку третман, до следење на резултатите од истиот и целокупниот развој. Новина е што во поликлиничкиот дел ќе биде вклопена ортопедска консултативната амбуланта. Секако во овој дел се наоѓа просторот за следење на растот, развојот и давање совети за исхрана на најмалата популација, новороденчињата и доенчињата, како и просторијата за совети во поглед на поддршката на доењето и исхраната со мајчино млеко. Во посебен дел и со посебен пристап до него се наоѓа новиот Педијатриски ургентен центар кој овозможува 24/7 згрижување на сите ургентни состојби кај децата, поставување брза дијагностика на лице место, давање соодветна терапија и краткотрајно згрижување (дневна болница) на децата. На располагање е сета потребна апаратура за изведување на сите дијагностички постапки (еходијагностика, ЕЕГ дијагностика, рентген, алерголошки тестирања, функционални белодробни иследувања, психолошко-развојни тестирања, лабораториски и микробиолошки иследувања), како и сала за т.н мали хируршки интервенции кај децата (згрижување на рани, повреди и имобилизација).

pedijatrija

Во тесна поврзаност со поликлиничкиот дел е и стационарниот дел од Детскиот оддел: Педијатрискиот стационар и Одделот за неонатологија со Неонатална интензивна нега. Педијатрискиот стационар располага со 16 болнички соби за децата кои имаат потреба од хоспитализација и се концепирани по принципот на еднокреветни соби со можност за престој на детето со придружба (родител). Одделот за неонатологија е конципиран по принципот на 24 часовен „руминг ин“, односно заеднички престој во иста просторија на новороденчето и мајката од моментот на раѓањето па сè до исписот од породилиштето, што е многу важно за нормалната адаптација на новороденото, како и за процесот на воспоставување на лактација и исхрана со мајчино млеко.

Одделот за неонатална интензивна нега располага со 13 места за специјална и интензивна нега, кој згрижува критично болни новородени родени во нашата болница или во друга болничка установа и располага со современа апаратура за третман и згрижување на вакви пациенти. Неонаталниот итен транспортен сервис е наменет за трансфер на новородени  деца кои имаат потреба од Интензивна нега, а престојуваат во друга болничка установа во земјата или регионот, или за трансфер на деца од еден на друг оддел во нашата болница.

За спроведување на сите здравствени услуги на највисоко стручно и професионално ниво се грижи искусен мултидисциплинарен тим на лекари составен од 36 доктори од различни супспецијалности на педијатријата, детски хирург, детски кардиохирург, детски анестезиолози, детски ортопед, логопед, дефектолог, оториноларинголог, радиолог, 50 педијатриски сестри, 30 болничари и друг немедицински персонал.

Со каква опрема располага педијатриската болница и колку е тоа важно за навремена и точна дијагностика?

Брзата и точна дијагностика е наш приоритет во пружањето на здравствените услуги кај децата. Во ургентиот педијатриски центар, поликлиничкиот дел, како и хоспиталниот оддел, постојат услови за поставување на т.н “bed side” дијагноза, односно покрај болничкиот кревет или со минимално шетање на пациентот меѓу одделите. Располагаме со можност за комплетна биохемиска и микробиолошка евалуација на пациентите, изведување на различни имиџинг техники (компјутеризирана томографија, магнентна резонанца, PETCT, комплетна еходијагностика) за иследување  на внатрешните органи, потоа можност за изведување алерголошки кожни и крвни тестирања, комплетна функционална дијагностика на белодробните заболувања, електронско и ехографско иследување на централниот нервен систем, инвазивни дијагностички процедури (биопсии, ангиографии, пункции на косокена срцевина со цитолошка анализа, ендоскопски иследувања на дигестивен тракт-гатсроскопија и колонскопија, лумбална пункција и анализа на цереброспинална течност), односно кратко кажано сè што е потребно за дијагноза на сите здравствени проблеми кои се можни кај децата.

Најавивте и новитети во однос на грижата за децата со посебни потреби. Што нуди вашиот Центар за рано откривање и третман на деца со пречки во развој?

Раното откривање на отстапувањата од развојот кај децата и нивниот навремен третман се од особено значење за понатамошниот развој кај овие пациенти. Центарот згрижува деца со широк дијапазон на состојби кои значат отстапување од нормалниот ментален, но и моторен развој, проблеми со социјализација, пречки во говорот и спектар на т.н аутистични состојби. Новина во работата на овој центар е и воведувањето на третман со сензорна стимулација, метод кој дава одлични резултати во логопедскиот третман кај децата. Во центарот работи мултидисциплинарен тим составен од развоен педијатар, педијатриски невролози и дефектолог-логопед, кои овозможуваат истовремено обработка на детето, корелирање на добиените резултати и континуирано следење на ефектите од третманот. Третманот на секое дете е индивидуален, со однапред утврден план за работа кој дава успешни резултати. Центарот е сместен во посебно издвоен дел со цел да се обезбедат потребните услови за работа со деца со пречки во развојот.

Детската хирургија е исто така важен дел од целокупниот третман и бара големо искуство …

Секако една од важните алки во грижата за детското здравје се хируршките проблеми кај децата, особено голем предизвик за третман се болестите, најчесто вродени, кај новороденчето и помалото дете. Од минатата година ние успевме да ја воведеме  детската и хирургијата на помало дете, на што сме особено горди, со што можам слободно да кажам дека не постои здравстен проблем кај детето кој бара хируршки третман, а кој не можеме да го решиме во нашата болница.

pedijatrija

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се изведува широк спектар на хируршки зафати кај децата (неонатална или новороденечка хирургија, урологија, детска траума, детска торакална хирургија, детска онколошка хирургија, детска пластична хирургија, минимален инвазивен третман, лапароскопија, цистоскопија и тораскопија). Благодарение на софистицираната опрема, најголем дел од интервенциите се изведуваат со минимално инвазивен пристап преку мал оперативен рез со кој се постигнува помала болка, побрзо заздравување и пократок болнички престој на детето. За рана дијагноза, предоперативна подготовка и постоперативно следење на пациентите, на располагање е посебен амбулантски простор, како и сала за мали хируршки интевенции во новиот поликлинички блок на болницата. Интервенциите кај децата, како и постоперативното следење, се изведуваат од специјалист по детска хирургија со долгогодишно искуство од оваа област, како и од тимот педијатри – супспецијалисти кои работат на Детскиот оддел.

Голем исчекор во грижата за детското здравје, односно за децата со вродени или стекнати срцеви мани го правиме со формирањето на одделот за Детска кардиохирургија со интензивно лекување. Одделот кој располага со 7 кардиохирушки и 7 педијатриски интензивни места, софистицаранта опрема за дијагноза и третман на деца од 0-18 години со кардиохируршка проблематика  и тимот составен од кардиохирург, педијатри, педијатриски интензивисти и педијатриски анестезиолзи, потпомогнати од тимот кардихирурзи и педијатри со огромно искуство со оваа проблематика од турскиот партнер Аџибадем од Истанбул, се гарант за обезбедување на лидерската функција во пружање најдобра грижа за детското срце во нашата земја, а и пошироко во регинот.

Довербата на родителите во педијатрискиот тим на „Аџибадем Систина“ постои уште од самиот почеток, можете ли да ни кажете колку педијатриски прегледи и интервенции се направени досега во болницата и каков е трендот на бројот на породувања?

Довербата која што ни ја укажуваат сите изминати години пациентите во нашата земја, но и од регионот, како и бројот на пациенти кои добиле здравствени услуги на нашиот оддел, а  кој е во континуиран пораст од година во година, е вистински показател за нашата добра работа но и за оправданоста на инвестициите во просторното и професионално проширување на одделот.

pedijatrija

Би спомнал само некои од индикаторите за нашето работење. Во педијатрискиот поликлниничкиот блок и педијатрискиот ургентен центар годишно се изведуваат околу 32 000 интервенции (прегледи и дијагностички интервенции), а бројот на хоспитлизирани пациенети во Педијатрискиот стационар е околу 800 деца годишно. Минатата година имавме над 1.500 новородени деца, од кои околу 200 новородени третирани на Одделот за интензивна нега, со што станавме едно од првите три породилишта по број на новородени деца годишно во земјата и сме единствена приватна болница со Оддел за неонатална интензивна нега. Одделот детска хирургија ја заврши минатата 2019 година, првата година по отварање на одделот, со 200 интервенции, а оваа година за првите 6 месеци се реализирани 102 различни интервенции кај децата. Сето ова се бројки кои бележат пораст за 10-15% на годишно ниво во изминатиов десетгодишен период. Се разбира не застануваме тука, нашата намера е понатамошно одржување на ваквиот тренд и во наредните години за што секако ќе придонесе отварањето на Одделот за детска кардиохирургија, но и плановите за развој на детската онкологија, детската гастроентерологија, воведување нови дијагностички и тераписки постапки, што е зацртано во развојниот план за идната 2021 година. Кога сме кај новините и новите дејности особено за одбележување е отпочнувањето со работа на Педијатриската интензивна нега и педијатрискиот интен транспортен центар кој ќе згрижува и третира педијатриски критично болни педијатриски пациенти кои ќе имаат потреба од ваков третман, со што се надоплнува сегментот од интензивното лекување кој недостасуваше во нашата болница.

Новиот Оддел за педијатрија го отворате во услови на пандемија со коронавирусот, што подразбира и работа според строго дефинирани препораки. Како се заштитувате вие и вашите пациенти?

Пандемијата со коронавирусот од почетокот на годината бараше брзо, но и стручно и ефикасно преземање на сет од мерки, како за вработениот персонал, така и за пациентите, со цел непречено, редовно и безбедно работење со пациентите кои ги користат здравствените услуги во болницата. Болницата и сите вработени ги презедоа сите потребни мерки на заштита и се воведоа многу протоколи кои беа во согласност со официјалните препораки на СЗО и нашето Министерство за здравство, а согласно настанатата пандемија со коронавирусот.

Освен користење лична заштитна опрема за сите вработени, во зависност од ризикот за изложеност на коронавирусот, беше воведена тријажа на влезот во болницата за сите надворешни пациенти, вклучително и децата, со што се оневозможи мешање на децата кои имаат некаква инфекција со тие кои доаѓаат во болницата за друг здравствен проблем. Една од големите придобивки во заштита на персоналот и пациентите во нашата болница е воведувањето на сите типови на дијагностички тестови за Ковид-19, уште на почетокот на епидемијата, по што бевме единствени во нашата земја. Го воведовме брзиот серолошки тест за детектирање на коронавирусот, со кој можевме за многу кратко време (10-15 мин) да ги скринираме пациентите со висок ризик за присуство на вирусот. Набрзо на располагање беше ставен и најновиот метод на PCR вирусолошка детекција, кој освен за наши потреби, за хоспиталните пациенти, го изработувавме и за надворешни пациенти во посебен Ковид-19 пункт надвор од болницата. Воведовме протоколи за менаџерирање на деца ризични за Ковид-19 кои имаат  потреба и  од други здравствени услуги, безбедно и ефикасно да ја добијат истата, а воедно да не го загрозат сопственото или здравјето на другите. Со сите преземени процедури, успеавме максимално да го заштитиме медицинскиот персонал во болницата, но и да обезбедиме непречено и безбедно работење со пациентите. Нашите болнички капацитети, меѓу првите, беа ставени на располагање на здравствениот систем во нашата земја за справување со пандемијата доколку за тоа се укаже потреба и секако во таква состојба на пофготвеност остануваме и понатаму до конечно справување со пандемијата.

извор : Плус инфо