fbpx

Имаме еден од најдобрите тимови на кардиолози, брзата и точна дијагностика спасува животи

21.01.2019

Искуството, но и континуирана едукација на докторите гарантираат несомнен квалитет, тим кој функционира за пациентите, вели кардиологот Снежана Бонгард-Мешковска. Дел е од кардиолошкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и е една од докажаните стручнаци, кога е во прашање дијагностиката на срцевите болести.  Тимскиот пристап во работата и врвната едукација на докторите помага во рано откривање и на ретки болести, како важен предуслов за успешно лекување.

„Работам дијагностика на срцевите болести бидејќи сметам дека тоа е почетен и најважен  момент за сè понатаму. Со добра дијагностика и со познавање на болестите, како и со добра опрема што ќе овозможи детектирање на болестите од страна на искусен кадар ќе се овозможи навремено  и успешно лекување. Немаме точна терапија, ако немаме добра дијагностика“, вели доктор Мешкоска.

Таа има искуство во Универзитетската клиника во Скопје , но и во странство. Работела во Универзитетската клиника во Женева, сега е во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде вели дека влегла полна со дух и желба. Сепак, дел од усовршувaњето во кариерата се должи и на искуството во оваа домашна приватна болница, една од најдобрите во регионот. Мешкоска дијагностицирала болести кои се ретки и во светот, а не само во Македонија.

„Случајот со трудницата кај која откривме посебен тип на тумор во срцето е реткост, а го посочивме со ехото уште на ехокардиографскиот преглед. Други ретки болести кои сум ги открила во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, а биле клучни во лекувањето, се Епштајнова аномалија поврзана со стеноза и дилетација на пулмонална артерија и комплицирана пулмонална тромболија кај пациентка која имаше 26 години. Нејзиниот живот беше спасен со кардиохируршки зафат.

Кај 33-годишен човек докажавме карциноиден синдром. Тоа е ретка болест, при која има туморот беше локализиран во пулмоналната артерија. Овој тумор се карактеризира со тешки напади на покачен притисок и срцева слабост.

Педесетипетгодишен пациент имаше тумор во перикардот, кој го утврдивме со магнетна резонанца на срцето, што, пак, е ново и современо испитување во кардиологијата, а ние тука рутински го извршуваме“, вели доктор Мешкоска.

Таа е децидна дека пациентите добиваат најдобар третман, а истакнува дека сиот процес е тимски и резултира со брза дијагностика. Тоа многу често е клучно за пациентот. Самата редовно оди на европски кардиолошки конгреси. Со сопствен труд за Епштајнова аномалија, кој бил прифатен на Европскиот конгрес, Мешкоска ја претставуваше и болницата, но и државата.