fbpx

ГОЛГОТА, ШАНСА, ПА СРЕЌЕН ИСХОД

04.01.2022

По ретка клиничка операција, која и ретко е опишана во медицинската литература, Тања Атанасова од Валандово, оздравена, сега има нова шанса за нормален живот. Ја доби во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со интервенцијата на мочните канали која ја изведе професорот Живко Попов. Атанасова има само 42 години, а во болницата била донесена во тешка, животозагрозувачка состојба. Претходно таа имала здравствен проблем за кој била извршена гинеколошка операција во болницата во Струмица. Сепак по компликации кои биле предизвикани од таа интервенција, нејзината состојба се влошила. Проблемот се решил во „Аџибадем Систина“, по долготраен, но успешен оперативен зафат, а шиењето било под лупа.

popov
 

ПОДВРЗАНИ МОЧНИ КАНАЛИ

Тања Атанасова сега е добро, но со емоции раскажува за настаните од кои, за среќа, излегува посилна. „ Во Струмица оперирав матка и јајчник. На вториот ден почнав да не мокрам и дојдоа доктори интернисти кои направија магнетни снимки. Беше констатирано дека има проблем, односно дека уретерите (мочоводите) се залепени за мочниот меур. Со амбулантно возило ме донесоа тука, во ‘Аџибадем Систина’. Прво ме прегледа д-р Љупчо Стојковски и третманот започна. Во тој период целата бев отечена. Се утврди дека е потребна хемодијализа и беше извршена двапати. Операцијата, која траеше шест часа, ја изведе проф. д-р Живко Попов, а станува збор за претешка интервенција од двете страни, со шиење под лупа“, вели Атанасова.

ПРОФ. Д-Р ПОПОВ СО РЕТКА ОПЕРАЦИЈА НА МОЧНИТЕ КАНАЛИ Ѝ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ НА АТАНАСОВА

Таа вели дека првично увидела дека има проблем затоа што не можела да мокри, а потоа ситуацијата брзо се влошувала. Имала проблеми дури и да зборува. Инсистирањето на брза интервенција било поради опасноста да добие сепса, а Атанасова вели дека сега се чувствува одлично. Проф. д-р Попов вели дека кога била донесена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на Атанасова ѝ било утврдено акутно попуштање на функцијата на бубрезите и екстремно висока вредност на креатинин (>1000). Состојбата настанала поради штетно проширување на бубрезите, односно обострана изразена хидронефроза предизвикана од хируршка компликација во пределот на уретерите за време на гинеколошкиот оперативен зафат на утерусот претходната седмица. Професорот потврдува дека поради тешката општа состојба во која била донесена, на Атанасова прво ѝ е направена хемодијализа со регулирање на електролитниот дисбаланс како и ургентна дијагностика. Вели дека по неуспешниот ендоскопски обид, за поставување уретерални сонди во бубрезите се направила ретроградна уретеропиелографија која покажала комплетна опструкција во пределот на дисталните превезикални делови на уретерите. Итниот оперативен зафат бил направен поради тоа што ваквата клиничка слика може да предизвика уринарна инфекција, трајно оштетување на функцијата на бубрезите и да го загрози животот на пациентката. „По подготовката на пациентката со неколку хемодијализи, се направи оперативен зафат кој траеше шест часа. За време на оперативниот зафат дисталните делови на уретерите (мочните канали) на ниво на нивниот спој со мочниот меур беа пронајдени потполно подврзани и оштетени. Следеше нивно препарирање, пресекување во здраво и пресадување на ново место на предниот ѕид на мочниот меур по техниката на Litch – Gregoire со што повторно се постигнува физиолошки континуитет на двата уретери. Се работи за релативно ретка хируршка клиничка компликација која постои и е опишана во литературата. Тие почесто настануваат за време на гинеколошки операции на кои им претходеле други гинеколошки и абдоминални операции во долниот дел на абдоменот, како што е случајот со оваа пациентка“, вели проф. д-р Попов. На Атанасова ѝ било утврдено акутно попуштање на функцијата на бубрезите и екстремно висока вредност на креатинин (>1000).

popov
 

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ТИМ ПРОФЕСИОНАЛЦИ

Професорот објаснува дека уретерот (мочоводот) е исклучително нежен орган кој се храни само преку една артерија, што уште повеќе го отежнува неговото препарирање и реконструкција. Затоа, овие хируршки интервенции и техники се специфични и може да се изведат само во болници со искусен хируршки тим, со особена одговорност, посебно како во овој случај каде имало повреда на двата уретери. Секако дека треба да се потенцира и важноста на мултидисциплинарниот пристап при што во овој случај покрај хируршкиот уролошки тим беше вклучен тим на интернисти и нефролози, радиолози и анестезиолози. ПО

ДВА МЕСЕЦА, СЕГА ЖИВОТОТ Е НОРМАЛЕН

Два месеца по оперативниот зафат на пациентката ѝ се извадени уретералните сонди и контролата покажала дека пациентката има уредна рана, уредна реконструкција на уринарните системи и речиси комплетно повлекување на хидронефрозата обострано. „Пациентката одлично се чувствува и може да се врати на секојдневните обврски и живот“, вели проф д-р Попов. Таа има само пофални зборови за целиот тим. „За условите во ‘Аџибадем Систина’ ќе кажам дека се одлични. Сите, вклучувајќи ги и сестрите, болничарите беа прекрасни со мене, постојано ме чуваа, се грижеа. Професионализмот е на највисоко ниво, а докторите беа постојано со мене. Му благодарам пред сè на професорот Живко Попов, како и на д-р. Даниел Петровски, вели таа. Атанасова е мајка на две деца – студентка која има 22 години и момче од 14 години. Сега имаат можност да се радуваат на заедничките успеси.