fbpx

Ги пречекував и испраќав пациентите со насмевка, медицинската сестра Горица оди во пензија

11.11.2019

Медицинската сестра Горица Лековиќ повеќе од 40 години се занимавала со професијата која ѝ била најголемата детска желба, да помага и да ги негува болните. Својот работен стаж го започнала во далечната 1977 година, а била дел од тимот на „Аџибадем Систина“ уште од првиот ден на основањето на Одделот за кардиологија. Вели дека ја избрала најубавата и најблагодарна професија што некој може да ја одбере, им помагала на пациентите на Одделот за кардиологија и била тука за нив во секое време.

sestra gorica

Посветено и со голема љубов си ги извршувала работните обврски, пациентите ја паметат по насмевката и добриот прием, колегите, пак, како вистински пријател и професионалец. За неа ќе кажат дека била првото лице на одделот и движечката сила на тимот на кардиологија.

„Горица беше дел од првата екипа на Одделот за кардиологија. Тогаш 30 ентузијасти кои веруваа во здравството дојдовме во ‘Систина’ и решивме дека ќе направиме најдобар оддел за кардиологија. Сите ние направивме еден храбар чекор, за кој никој од нас ниту еднаш не се покајал. Таа беше посветен работник, кој секој би посакал да го има во тимот. Поради стресниот и брз начин на работа претрпе и одредени здравствени проблеми, но многу брзо се врати на работните обврски, со истиот елан“ – објаснува д-р Христовски, шеф на Одделот за кардиологија.

sestra gorica

Зад себе оставила децении макотрпна работа, пожртвуваност и труд. Со радост се сеќава на почетоците и првите работни денови.

„Во сеќавање ќе ми останат првите денови кога дојдов во ‘Аџибадем Систина’. Дојдовме цел тим кој имаше огромен елан и желба на пациентите да им понудиме најдобра услуга. Знаевме да се вмешаме и да дадеме совет и на мајсторите како да изградат подобри услови за пациентите. Деновите поминуваа, а јас бев пресреќна дека го направив вистинскиот чекор. Навистина не е лесно на мои години да се одлучиш за еден таков чекор, но јас верував во тимот“- објаснува Горица.

sestra gorica

Одговорната сестра на одделот каде што работеше Горица, Ленче Спасовска, ќе каже дека таа е работник за паметење.

„Нашата Горица, или баба Горица како што ние знаевме на шега да ја наречеме, беше прво лице на нашиот оддел. Весела и позитивна, придвижувач на целиот тим. Со насмевка ги пречекуваше пациентите, ги насочуваше на вистинскиот пат, беше линкот со докторите и останатите оддели. Со младиот дух кој го носеше во себе беше најдобриот организатор за културно-забавниот живот на колегите во тимот. Ниту годините, ниту физичката кондиција не беа пречка за да ги организира најдобрите дружби“ – објаснува Спасовска.

Со насмевка на лицето колегите од одделот ја испратија Горица и ѝ посакаа среќни и долговечни пензионерски денови.