fbpx

Емотивната приказна за најмалото бебе врз кое е изведена операција на срце – херојот Катја

22.11.2019

Болка во градите која гуши, страв од неизвесност, големо трпение и силна надеж се чувства кои мора сами да ги научат родителите на предвремено родените бебиња. Сите едногласно објаснуваат дека овие чувства прво ги кршат на ситни парчиња, но со секој нов ден ги прават уште посилни и похрабри. Велат, поминуваат многу, но добиваат многу повеќе.

На 4 февруари 2014 година, во 26. гестациска недела од бременоста на Марина, на свет пристигна малата Катја. Со своите 830 грама малото бебе помина 100 дена во инкубатор, беше најмалото бебе врз кое е изведена операција на срце, а денес е најголемата гордост на нејзините родители.

katja

„Додека седам и го пишувам овој текст едно убаво, палаво главче ми се нурнува пред лицето. Ме скокотка со бушавото русо косиче и љубопитно гледа со очињата.

‘Мамо, што пишуваш? Чекај, јас ќе прочитам!’

Ете, тоа е мојот остварен сон, дочекав моето предвремено родено бебенце, сега девојче од 5 и пол години, да седи до мене додека одново ја пишувам нејзината приказна.

Вистината зад реченицата „да се има предвремено родено бебенце” ја знаат само родителите што го поминале овој пат, заедно со нивните семејства.

Никој од нас не е подготвен за овој пат, никој не знае што го чека и секоја приказна е различна. За среќа, постојат луѓе, луѓе како докторите и сестрите од Одделот за интензивна нега во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, да направат сè за да ви го олеснат тој пат.

Катја се роди премногу рано, во 26 недела од бременоста, се роди премногу мала, тешка 830 гр. и долга 32 сантиметри, но се роди поголема од сите.

Нејзината големина е во нејзиното срце, во нејзините храброст, упорност и трпение.

100 дена Катја беше нашиот борец, а сите ние бевме до неа да ѝ помогнеме кога беше потребно.

Најпрво требаше да преживее. Успеа!

На само еден месец од нејзиниот живот требаше да ја преживее операцијата за затворање на дуктусот на срценцето и повторно успеа! Стана најмалото бебе врз кое е извршена ваква операција во нашата држава.

Потоа следна цел беше да добие доволно сила да дише сама. Тука времето некако застана… Тубусот што беше во нејзините бели дробови, тоа цевче што ја држеше во живот го чувствував во себе, ме гушеше. По долги два и пол месеци, успеа да ја достигне и оваа цел.

Конечно по сè, нашето бебенце, тогаш веќе тешко 1700 грама, беше спремно да си дојде дома.

Оттогаш до денес Катја е светлината во нашиот живот.

Родители на предвремено родени бебенца, вие кои во овие мигови ја водите истата битка, посакувам сите дома да си заминете со полни раце и среќно срце. Имајте трпение и верба во големината  на вашите мали дечиња.

Како да се заблагодариш на некој што го спасил твоето дете? Зар постои нешто такво?!

Има многу луѓе на кои сме им бескрајно благодарни. Д-р Слободан Лазаревски, д-р Гордана Петровска, д-р Салис Таџер и нивните тимови, д-р Симонида Спасеска, мојот спасител, и сите доктори од Одделот за интензивната нега заедно со сестрите, кои беа мајки на моето дете кога јас не можев.

Ви благодарам што од мене и мојот сопруг Дарко направивте прекрасно семејство со две предвремено родени дечиња, Катја и нејзиното братче Горјан, роден во 34. гестациска недела.

Ти благодарам најмногу тебе, дете мое, ти благодарам што преживеа!“ – ни напиша Марина.

По повод  Светскиот ден на предвремено родените дечиња, 17 Ноември, родителите на предвремено родените бебиња ги споделија своите животни приказни, со цел подигнување на свеста за предвременото раѓање, превенција, како и подобрување на условите за нега на овие најранливи бебенца и нивните родители.