fbpx

ДВЕ НОВОРОДЕНЧИЊА СО ТЕШКИ СРЦЕВИ МАНИ ОПЕРИРАНИ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ВО ВОНРЕДНИ УСЛОВИ ЗА ВРЕМЕ НА КОРОНАВИРУСОТ

11.05.2020

Две итни кардиохируршки интервенции на новороденчиња бебиња изведе тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во последните десет дена. Во услови на пандемија со Ковид-19, кога се работи во вонредни услови, со двете операции беше спасен животот на двете бебиња кои имаа исклучително тешки срцеви мани. Проблемите на двете дечиња беа дијагностицирани уште во текот на бременоста на мајките, што е нов систем на следење, единствен во „Аџибадем Систина“. Со раната дијагноза и мултидисциплинарниот пристап на лекување, можноста за успех во третманот е зголемена. Операциите ги изведе комплетен тим од „Аџибадем Систина“ на чело со единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава д-р Владимир Чадиковски. Тој вели дека децата биле донесени во исклучително тешка состојба, но дека сега се добри.

Едното бебе е со телесна тежина од 2,9 килограми со единечна комора и изразена белодробна хипертензија, а другото бебе со 2,2 килограми телесна тежина и со транспозиција на големи крвни садови.

bebe
 

„Интервенциите поминаа во најдобар ред, и бебињата закрепнуваат постепено и се во добра кондиција. Системот што го воспоставивме последниве месеци дефинитивно даде плод, а тоа значи следење на трудницата во тек на целата бременост, со направено фетално ехотомографско иследување, разговор со фамилиите за видот на заболувањето и исходот од соодветниот третман. Бебето беше згрижено веднаш по породувањето и се пристапува кон соодветен третман. За сите деца со срцеви мани се грижи тим од 25 доктори од различни специјалности и повеќе од 50 медицински сестри“, вели доктор Чадиковски.

Додава дека има исклучителна стручна соработка со екипата на детскиот кардиохируршки тим од „Аџибадем“ Истанбул, а нивната помош во етаблирање на нашиот центар во регионален е од огромно значење.

Дополнително е важно што операциите се изведоа во време на пандемијата кога здравствените системи во сите држави се соочија со непријател за кој не се знае многу – ниту за преносот, инкубацијата, третманот. Во вонредни услови, според препораките на Министерството за здравство, се правеа само итни интервенции.

„До сега Одделот за детска кардиохирургија при ‘Аџибадем Систина’ оперираше само итни случаи бидејќи децата со срцеви мани се една од најранливите категории. Самата операција рапидно го намалува имунитетот и заболувањето со Ковид-19 може да биде смртоносно по операција. Предоперативно, за време на операцијата и постоперативно кај двете бебиња се запазија сите мерки неопходни да се сочува здравјето на пациентите и здравствениот персонал, кој е на највисоко ниво, не само во нашето одделение туку и во целата болница,  што може да се види и од досегашните резултати во најголемиот пик на пандемијата“, вели д-р Чадиковски.

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ РЕФЕРЕНТЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕТСКА КАРДИОХИРУГИЈА

Во моментов на листата за операции на деца со срцеви мани има дваесетина деца, а тимот од „Аџибадем Систина“ постепено се организира да се врати на редовната програма. Инаку, во последните три месеци во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се оперираа повеќе од 20 деца со најтешки срцеви мани, со екстремно мала телесна тежина, 6 интервентни процедури, промена на два пејсмејкери. Сите деца се дома во добра кондиција, а две од нив се оперирани во време на корона-пандемија. Ова според д-р Чадиковски е факт кој говори дека Одделот за детска кардиохирургија при „Аџибадем Систина“ станува гордост на целата држава.

d r cadikovski
 

Сите интервенции се покриени од Фондот за здравствено осигурување, а придобивките се огромни.

Што доколку не постоеше овој тим и одделот во ’Аџибадем Систина’ во време на пандемија и затворени граници?

„Морам да кажам дека пред 2013 година над 1.000 деца беа оперирани во Бугарија, а повеќе од 350 починале без да имаат можност да заминат да се оперираат. Конечно работиме во здравствена организација која ги согледа нашите потенцијали, вложува во човечките ресурси, инфраструктурата и опремата со цел да бидеме препознаени на мапата за детска кардиохирургија во регионот и пошироко. Што доколку не постоеше овој тим и одделот во ’Аџибадем Систина’ во време на пандемија и затворени граници? Што ќе беше со овие бебиња? Моментално сме влезени во проект за третман на деца со срцеви мани во време на пандемија  во кој учествуваат повеќе од 43 држави (43 познати светски болнички центри) кои се занимаваат со операции на деца со срцеви мани. Резултатите наскоро ќе бидат објавени во стручно списание, што покажува дека сме на вистински пат за првпат да направиме акредитиран центар препознаен секаде во светот“, вели д-р Чадиковски.