fbpx

ДЕЦЕНИЈА НЕПРИКОСНОВЕНА НА ВРВОТ: „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ И ВО 2019 ГОДИНА ПРОДОЛЖИ СО УСПЕСИ, ИНВЕСТИЦИИ ВО ТЕХНОЛОГИЈА И КАДАР

09.01.2020

Во годината што измина Клиничката болница „Аџибадем Систина“ влезе во десеттата година од постоењето. Децениското искуство заедно со постојаното вложување во кадар и опрема сиот овој период ја одржа оваа приватна клиничка болница на врвот – не само во Македонија туку и пошироко во регионот. За болницата, 2019 година беше една од најуспешните во која континуитетот во развојот гарантираше врвна услуга за пациентите, стандардизирани процедури, модернизација и влез на новини кои ја одделија „Аџибадем Систина“ по повеќе критериуми за квалитет.

РЕАКРЕДИТАЦИЈА ЗА JCI-СТАНДАРДИ

Клучна потврда за тоа е годинешната реакредитација за JCI-стандардите. JCI-акредитирана болница значи дека здравстената установа во својата програма ги исполнува и ги имплементира интернационалните цели за безбедност на пациентите. Тие значат дека болницата гарантира висока и квалитетна здравствена нега, дека е подготвена за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, дека е безбедна за пациентите и за персоналот. Инаку, во целиот процес на реакредитација беа вклучени сите вработени, менаџментот – секој поединечно и сите заедно несебично се вложија во одбраната на златниот печат.

ДЕТСКА КАРДИОХИРУРГИЈА                                                                         

Во годината што измина, сепак, се случија многу новини по кои болницата останува препознатлива. Почна да функционира детскиот кардиохируршки оддел, а веќе се изведени седум интервенции кај деца. Операциите кои се покриени и од државниот ФЗОМ се изведуваат од комплетен тим доктори специјалисти со поддршка на врвните доктори од „Аџибадем“ од Истанбул, кои имаат повеќедецинско искуство во областа. Овој кардиохируршки оддел повторно ја позиционираше „Аџибадем Систина“ како предводник на квалитетот, а во иднина болницата претендира да стане референтен центар на Балканот за кардиохируршки интервенции кај деца.

AcibademSistina DetskaKardioHirurgija

ОРГАНИЗАЦИЈА НА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА

А дека е болница чии практики се признаени во целиот свет, беше потврдено на бројни  симпозиуми, конгреси и настани во целиот свет на кои присуствуваа и доктори специјалисти од „Аџибадем Систина“. Во годината што измина болницата организираше значајна меѓународна конференција за искуствата за превенција и лекување канцер на дебелото црево насловена  Early Occurrence of Colorectal Carcinoma. Where we are. Where are we going? која се организираше заедно со MTCC (Mediterranean Task Force for Cancer Control). На конференцијата учествуваа четириесетина еминентни меѓународни експерти од повеќе земји од Европа и Азија и претставници на факултети од Италија,Турција, Франција, Јордан, Катар, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија.

 

„ВОЗВРАТИ СИЛНО“

И во 2019 година „Аџибадем Систина“ не отстапи од ангажманот и вклученоста во државата како општествено одговорна компанија. Во октомври и ноември организираше седум едукативни работилници во домашни компании и институции. Во месеците што се посветени на женското и машкото здравје  на ваков начин се обиде да даде придонес за зголемување на свесноста кај граѓаните за сопственото здравје, потребата од превентивни прегледи, самопрегледи. Тимови од доктори од различни специјалности на работилниците даваа одговори на сите дилеми, сите прашања кои ги имаа учесниците на секоја од групите. На ваков начин се надополни кампањата „Возврати силно“.

AcibademSistina

НОВИ ИНТЕРВЕНЦИИ И ТЕХНОЛОГИИ

Во текот на годината беше успешно оперирано новороденче со ретка аномалија на хранопроводот, а во кардиохируршкиот оддел беше вграден за првпат срцев пејсмејкер кај петгодишно дете по венски пат. Нови специфични интервенции на структурни срцеви болести се правеа и на кардиолошкиот оддел.

Во болницата беше изведена за првпат ревизија на преден вкрстен лигамент со тетива од квадрицепс. Воведовме и процедура на артроскопска реконструкција на колено по Arthrext  – методата (All inside).

Беше пуштен во употреба и нов систем за макроскопска идентификација на материјали. Овој систем е единствен од ваков тип во државата.

Во Одделот за физикална медицина почна употребата на два нови апарати со кои се зголеми ефикасноста во лечењето на пациентите. Станува збор за Continuous passive motion (CPM) и за таканаречениот Game ready.

ЗА ГРАЃАНИТЕ, ЗА ОПШТЕСТВОТО

По повод Месецот на карциномот на кожа, меланом, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овозможи 100 бесплатни прегледи на бенки за своите пациенти. Прегледите ги изведуваше тимот дерматовенеролози со помош на најсовремениот дерматоскоп Mоle Max HD, со кој се овозможува прецизен скрининг и рана дијагноза на карциномот на кожа.

Во 2019 година Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со своја донација го доуреди живеалиштето на двата морски лава во скопската зоолошка градина.

Токму во Зоолошката градина се одржа и интерактивно дружење со троиесетина деца кои страдаат од мускулни дистрофии по повед Месецот на мускулни дистрофии. Секако „Аџибадем Систина“ со низа други настани го обележа овој месец.

 

НАГРАДИ И БЛАГОДАРНИЦИ

Многу успеси, но и многу признанија. Лекарската комора додели благодарници за Итната медицинска помош на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за вклученоста во згрижувањето и лекувањето на настраданите во автобуската несреќа на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци. Добивме благодарница од Град Скопје за кампањата „Возврати силно“, но и благодарница за посебен придонес од Црвен крст на општина Карпош. Болницата беше прогласена за амбасадор на добрината од страна на Inner Wheel Club Skopje за мисијата за ширење на добрината.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја доби наградата за врвни достигнувања во медицината за воведување на вештачко срце на манифестацијата Story Awards.

 

ГОРДОСТ

„Аџибадем Систина“ доминираше на скопскиот маратон годинава. Тимот на болницата беше еден од најбројните и најуспешните. Acibadem Sisintina Run учествуваше и минатата година на Женската трка.

Во 2019 ракометарите на Вардар успеаја да ја направат нацијата навистина горда, освојувајќи го првото место во европската Лига на шампиони, а Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е верен пријател на тимот веќе шест години.

Тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ освои прво место на турнирот во мал фудбал кој се одржува по повод Светскиот ден на здравјето, во организација на Комисијата за спортски активности на Лекарската комора на Македонија.

Вработени во нашата клиничка болница дадоа 143 единици крв во крводарителската акција која во болницата ја организираше општинската организација на Црвен крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина.