fbpx
ОДДЕЛИ

Урологија

 

Покрај стандардните уролошки процедури за дијагноза и третман, уролошкиот тим во соработка со светскиот експерт проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ ги изведува и најсложените реконструктивни операции на урогениталниот тракт кај деца и возрасни. Најновата ласерска технологија со која располага одделот нуди успешен третман на зголемена простата и уринарни каменчиња без хируршки рез.

Класични уролошки интервенции

На Одделот за урологија се изведуваат сите постоечки класични хируршки интервенции вклучувајќи радикални операции поради малигни болести на мочен меур, простата, бубрези и надбубрежна жлезда, ретроперитонеална лимфадектомија кај карцином на тестиси, голем дел од детските вродени аномалии (неспуштени тестиси, рефлуксна болест), како и сите ургентни хируршки операции. Како дел од палетата услуги се вклучени сите класични интервенции на простата, мочен меур, гениталии и итн.

Ендоуролошки третмани

Ендоуролошките интервенции се изведуваат со оптички инструменти, преку природните отвори на човековото тело, влегувајќи во телото без претходна инцизија. Користејќи модерна технологија со ултра тенки инструменти, минимално инванзивно се третира калкулоза. Овој метод се користи и во третман на зголемена простата, тумори на мочен меур, ласерско решавање на калкулоза на уринарниот тракт.

Лапароскопски интервенции

Се изведуваат лапароскопски хируршки интервенции што се проследени со краток болнички престој и брзо заздравување. Најчести лапароскопски операции се: лапароскопска варикоцелектомија, лапароскопско отстранување цисти на бубрег, лапароскопско отстранување бубрег поради канцер, како и лапароскопско отстранување на надбубрежна жлезда. Уролошкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ кадровски е комплетно подготвен за изведување бубрежна трансплантација.

 

 

Третман со екстракорпорална шок бранова литотрипсија

ESWL- Терапија со екстракорпорална шок бранова литотрипсија претставува револуција во третманот на уринарна литијаза. ESWL се изведува во посебна просторија за таа намена, опремена со најсовремен апарат за анестезија кој овозможува третманот да се изведе безболно. Специфичноста на овој метод е во тоа што генерира релативно слаби бранови, кои поминуваат преку телото, но добиваат голема сила во фокусот т.е. каменот, што резултира во негова фрагментација. Постојат три видови генератори на сила: електро-хидрауличен, електромагнетски и пизоелектричен. Најдобри резултати во однос на дефрагментација и елиминација на камења се постигнуваат со електро-хидрауличниот апарат. Предноста на овој метод е што се работи за амбулантска процедура и не е потребна хоспитализација, а пациентот може да ја напушти болницата еден час по третманот. Стапката на успех на оваа процедура е 90% за каменчиња од 1,5cm и 75 % за камчиња поголеми од 1,5 cm.

Ласерски третман на зголемена простата

Третманот на зголемена простата со Green light ласерот е безбеден, ефикасен и едноставен, без ризик од оштетување на околните ткива и кpвни садови.  Предностите на овој третман е тоа што пациентите се ослободени од симптомите истиот ден, процедурата е без хируршки рез, без крвавење и без ризик од еректилна дисфункција и постоперативна импотенција

Уролошки check up

На Одделот за урологија се спроведуваат превентивни прегледи со цел рано откривање на малигни болести на урогениталниот тракт и со цел нивно навремено излекување.

Реконструктивна генитоурологија и трансексуална хирургија

Уролошкиот тим на „Аџибадем Систина“ во соработка со проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ изведува хируршки интервенции за најсложени уролошки проблеми кај деца меѓу кои третман на комплицирани форми на хипоспадија (користејќи bucal mucosis), уретропластика, фалопластика, сите видови вродени абнормалии на уринарен тракт, болести на уринарен рефлукс, вродено искривување на пенис, искривување на пенис кај возрасни лица, имплантација на пенилни протези кај пациенти коишто не реагираат на другите медицински терапии.

Првата успешна транссексуална интервенција на територија на Р Македонија беше изведена во „Аџибадем Систина“ од страна на  нашиот уролошки тим предводен од еминентниот проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ.

Повеќе информации за овој тип интервенции прочитајте на www.reconstructivesurgery.acibademsistina.com