fbpx
ОДДЕЛИ

Пулмоалергологија

 

Одделот за пулмоалергологија ги применува најсовремените методи во дијагностиката и третманот на белодробните заболувања. Мултидициплинарниот пристап овозможува успешен третман и на најкомплексните белодробни болести.

Алергија-астма

Овие заболувања се во сѐ голем подем во нашата земја. Алергиските проблеми покажуваат широк спектар на манифестации, од кивање до астма. Покрај поставување на брза дијагноза за бронхијална астма се врши и нејзино фенотипизирање, што е неопходно за адекватен тераписки пристап. Во нашата клиника се изведуваат тестови на респираторната функција, кожни тестови за алергија, бронходилататорни тестови и бронхопровокативни тестови со кои се идентификува причината и тежината на алергиските заболувања и соодветно се лекуваат.

  • Кожни и крвни тестови за дијагноза

Дијагнозата се поставува со помош на кожни тестови за аероалергени, кои се едноставни, брзи и релативно безбедни, како метода за идентификување на причинителот на алергијата. Исто така, нудиме и алерголошки тестови во крвта со RAST или ELISA метода. Но, ниту позитивните кожни и крвни тестови не ја прават финалната дијагноза. Крајната дијагноза ја поставува пулмоалерголот бидејќи позитивни тестови не мора да значат алергија, туку може да значат само преосетливост.

  • Имунотерапија

Имунотерапијата делува врз намалување или исчезнување на алергијата за определен временски период. Имунотерапијата не го менува одбранбениот систем кон други болести. Оваа терапија спречува во тек на својот живот да добиете бронхијална астма и покрај што имате алергиски ринитис.

ХОББ

Ова заболување се јавува најчесто како резултат на долгогодишно пушење и секогаш оди со други заболувања. Во нашата болница постои можност за рана дијагноза на ХОББ, а третманот е мултидисциплинарен од тим на врвни специјалисти од различни области. Кај пациентот се одредува и следи ризикот за смртност, што дава можност тераписки да се влијае врз прогнозата на болеста. Вршиме едукација на пациентите за промена на животниот стил, како и за рехабилитација во домашни услови. На Одделот за пулмоалергологија третираме и респираторни инсуфициенции при влошување на ХОББ и при терминална фаза на ХОББ со неинванзивна вентилација.

 

 

Хронична кашлица

Хронична кашлица се нарекува секоја кашлица која трае подолго од 8 недели, односно од 4 недели кај деца. Таа е состојба која предизвикува не само непријатност туку во некои ситуации комплетно го нарушува нормалното живеење преку нарушување на сонот и доведува и до исцрпеност. Дијагнозата се поставува преку земање на исцрпна анамнеза и запознавање со претходните болести и навики. Потоа се назначуваат дијагностички тестови вообичаено белодробна функционална дијагностика која вклучува спирометрија, мерење на дифузуски капацит или бодиплетизмографија, РТГ на белите дробови или компјутеризирана томографија, како и бронхоскопија.

Бронхологија

„Аџибадем Систина“ има искусен кадар од областа на дијагностиката и третманот на туморите на белите дробови и медијастинумот. Во нашата болница може во најкраток временски период да се постави дијагноза на сите белодробни сенки благодарејќи на можноста на едно место да има тим од искусни рендгенолози, пулмоалерголози и торакални хирурзи. Во „Аџибадем Систина“ има инфраструктура за напредна дијагностичка и тераписка бронхоскопија со можност за ендоскопска дезопструкција на бронхите поради малигна или бенигна стеноза на дишните патишта, како и за поставување стентови. Сите овие процедури се изведуваат во оперативна сала со комплетен мониторинг на пациентот и со помош на анестезиолог.

Програма за откажување од цигарите

Тимот пулмоалерголози ќе ви помогнат да се откажете од цигарите преку специјална програма, совети и стручна поддршка. Вашиот пулмоалерголог ќе ве следи во текот на целиот процес и ќе биде мотив за истрајност во одлуката да ја оставите оваа лоша навика која е штетна по целокупното здравје.

Заболувања на плеврата

Во „Аџибадем Систина“ имаме можност на вршиме комплетна дијагностика и третман на сите заболувања на плеврата и медијастинумот. Во нашата болница се изведува ехо на торакс со можност за сите интервентни постапки под ехо контрола, како:

  • слепа биопсија на плевра
  • пункции и биопсии со хистолошки игли
  • торакоскопија со талкирање.

Ехо методата за плевра освен за дијагноза се користи и за следење на резултатот од терапијата.