ПЕТ центар

Во „Аџибадем Систина“ во 2014 година е oтворен првиот ПЕТ центар во земјава, предводен од д-р Лилјана Муратовска, која е и единствен специјалист по нуклеарна медицина во Р Македонија што работи клиничка пракса на ПЕТ/КТ апарат. Резултатите од ПЕТ/КТ скенот даваат точна насока каде е локализиран туморот, колку е проширен, како правилно да се насочи третманот и да се следат и проценат ефектите од третманот. Закажувањето е брзо, а извештајот од специјалистот го добивате максимум за 48 часа.
ПЕТ/КТ – ЗЛАТЕН СТАНДАРД ВО ЛЕКУВАЊЕТО МАЛИГНИ БОЛЕСТИ
ПЕТ/КТ е најефикасна техника за снимање која се користи за поставување дијагноза, за одредување на стадиумот на болеста, се проценуваат ефектите од терапијата на канцер, а истата помага и при планирање радиотерапија и хемотерапија кај повеќето карциноми. ПЕТ/КТ е техника на снимање која се состои од комбинација на:
PET – Positron Emission Tomography (Позитрон емисиона томографија) којашто овозможува приказ на промените во ткивата и органите од телото на човекот на метаболно ниво.
CТ – Computerized Tomography (компјутерска томографија) која обезбедува детални анатомски информации.
ПЕТ/КТ најмногу се користи во онкологијата. Освен во онкологијата се применува и во кардиологијата за дијагностика на исхемична срцева болест, во неврологијата за епилепсии и деменции, па дури и кај различни воспалителни болести.
ЗА ШТО СЕ КОРИСТИ ПЕТ/КТ?
Рана дијагноза на канцер
- Со помош на ПЕТ/КТ се овозможува рана и точна дијагноза на канцер. Исто така се одредува и точната локација на канцерогени клетки со големина и до 5 мм
Во одредени случаи брза дијагноза без претходна биопсија или хируршко вадење на дел од туморот
- Со ПЕТ/КТ некогаш не се потребни претходни хируршки интервенции за одредување на канцерогеното ткиво. Кај пациентот со едно снимање се детектира големината и местоположбата на канцерогените клетки.
Дијагноза со само едно снимање
- ПЕТ/КТ се користи кај речиси сите карциноми со само едно снимање. Истовремено целото тело е видливо благодарение на сликите добиени од ПЕТ/КТ.
Се одредува стадиумот на болеста
- Со само едно снимање може да се одреди колку е проширен канцерот, односно во кој стадиум се наоѓа болеста.
Успешно планирање радиотерапија и хемотерапија
- Во светот златен стандард е лекувањето да се планира со помош на ПЕТ/КТ со цел да се добијат максималните ефекти од терапијата.
Следење на ефектите од терапијата за канцер
- За да се зголеми успешноста на третманот на канцерот, потребно е пред и во текот на лекувањето да се направи ПЕТ/КТ скен. Целта на снимањето е да се види како реагираат канцерогените клетки на терапијата, дали се уништуваат или продолжуваат да се размножуваат.
Одредување метастази
- Со ПЕТ/КТ може да се одреди дали болеста е проширена и на другите органи, односно дали постојат метастази. Досегашните техники на снимање не ги дијагностицираа метастазите со мали димензии во рана фаза. Со помош на ПЕТ/КТ може навреме да се дијагностицираат и што поскоро да се почне со третман.
Еден преглед со ПЕТ/КТ може да замени повеќе медицински испитувања.
КАКО СЕ ОДВИВА СНИМАЊЕТО НА ПЕТ/КТ?
- Пред изведување на ПЕТ/КТ скенот, потребно е пациентот да не зема никаква храна најмалку 6 часа пред снимањето. Во овој период може да се пие вода, и тоа корисно е да се испијат 1-2 чаши.
- Интравенски се инјектира радиоактивен трасер –позитронски емитер (радиофармацевтик), во удобна околина заштитена од надворешни влијанија.
- Дозата на овој радиоактивен материјал (FDG) е многу мала и нема несакани дејства.
- По инјектирањето на радифармацевтикот, за да се прикаже неговата дистрибуција во канцерогените клетки, пациентот чека 45 минути до 1 час. Потоа следи снимањето.
- Постапката на снимање се изведува за 15-30 минути во зависност од типот на ПЕТ/КТ скенерот, типот на радиофармацевтикот, како и од висината на пациентот и органот кој се снима. По снимањето се добива томографија на целото тело, се регистрира радиофармацевтикот и промените на ниво на клетките. Сликите се обработуваат со помош на посебен компјутерски софтвер.
Дали снимањето на ПЕТ/КТ има негативни последици?
ПЕТ/КТ скенот е сигурен за пациентите.
Може да се изведува и кај деца и кај возрасни пациенти, кај пациенти со импланти и вештачки протези, како и кај пациенти со дијабетес. Иако се користи радиоактивен трасер –позитронски емитер (радиофармацевтик), зрачењето е минимално. Дозите кои се користат се толку мали и не влијаат на нормалните процеси во организмот.
За колку време се добиваат снимките?
По снимањето снимките се толкуваат, а потоа се пишува и извештај од вашиот лекар. Овој процес во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ трае до максимум 48 часа од снимањето.
Сѐ уште го немате пронајдено тоа што го барате?
Имате прашање? Слободно контактирајте нѐ.