fbpx
ОДДЕЛИ

Медицинска онкологија

 

На Одделот за медицински онкологија пациентите добиваат индивидуален план за третман од страна на мултидисциплинарен тим специјалисти. За првпат во регионот се користи најсовремен начин на рано откривање и следење на малигните заболувања со користење на PET/CT скен. За пациентите достапна е најсовремена хемотерапија, хормонотерапија, имунотерапија и целна (биолошка) терапија.

Третманот се креира зависно од хистолошкиот тип на туморот (клетките од кои потекнува), органот од кој потекнува, како и степенот на локо-регионална проширеност на болеста или евентуалното постоење на далечни метастази. Третманот може да биде адјувантен, чија цел е намалување на ризикот од повторување на болеста, неоадјувантен – со цел да се намали димензијата на туморот и да се обезбеди негова операбилност или палијативен со цел контрола на симптомите со што обезбедува подобар квалитет на живот. Третманот може да се спроведе како индивидуален или во комбинација со други модалитети на третман (хирургија, радиотерапија). Стручниот тим освен со креирањето на третманот, како и неговото спроведување, се грижи и за континуираното следење на пациентите по завршување на планираните модалитети на третман, советување и здравствена едукација на членовите на семејството за превенција на ризиците од појава на малигна болест, како и нејзино рано откривање.

Најчесто третирани локализации на малигни заболувања

  • Канцер на дојка
  • Тумори на мозок
  • Канцер на бели дробови
  • Канцер на дебело црево и ректум
  • Канцер на желудник
  • Канцер на панкреас
  • Канцер на хепар
  • Канцер на простата
  • Канцер на матка
  • Канцер на јајчници
  • Канцер на мочен меур
  • Канцер на тестиси
  • Тумори на глава и врат
  • Тумори на коски
  • Тумори на меки ткива

 

Модалитети на третман кои се применуваат од страна на стручниот тим на „Аџибадем Систина“

  • Хемотерапија– подразбира аплицирање лекови во вена или орално чија цел е уништување на канцер клетките, при што најчесто се комбинираат повеќе цитостатски препарати со различен механизам на дејство. Во болницата „Аџибадем Систина“ тимот онколози постојано ги следи најновите достигнувања во онкологијата, како и нивната ефективна примена согласно со прифатените стандарди.
  • Хормонотерапија– подразбира користење лекови кај тумори кај кои постои хормонска зависност како канцер на простата и канцер на дојка. Поголем дел од препаратите се аплицираат орално, но постои можност и за мускулна апликација на одредени препарати од оваа група.
  • Имунотерапија– подразбира користење супстанци кои имуниот систем природно ги продуцира и се користат да ги идентификуваат и да ги уништат канцер клетките со активирање на имуниот систем.
  • Целна или биолошка терапија– едно од најзначајните откритија во последнава деценија во онкологијата се високоефективните биолошки препарати со минимални несакани ефекти кои дејствуваат на соодветни рецептори (таргети – цели) кои се наоѓаат на туморската клетка, а ги нема кај нормалните клетки. Ваквиот тип современа онколошка терапија најде примена кај различни типови канцер, особено кај канцер на дојка, дебело црево и бубрег.

Повеќе информации за Центарот за онкологија и радиотерапија прочитајте на www.cancertreatment.mk