fbpx
ОДДЕЛИ

Биохемиска лабораторија

Концептот и организацијата на Биохемиската лабораторија се поставени во 2001 година за потребите на болницата „Мала Богородица” и тој континуирано се развива и се надградува во рамки на одделот Дијагностички лаборатории во Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Биохемиската лабораторија нуди широк спектар на рутински и специјализирани лабораториски анализи кои се испитуваат во крв, урина и други телесни течности, за потребите на амбулантски и хоспитални пациенти на болницата, за што располага со инструменти од врвна технологија од светски реномирани производители. Методите што се работат во Биохемиската лабораторија се акредитирани според стандардот MKC EN ISO 15189: 2013. Стручниот тим презема активности за секојдневно учество во програми за меѓулабораториска споредба на контролата на квалитет за сите анализи, како и во надворешни програми за контролата на квалитет EQAS, со што се обезбедуваат сигурност и безбедност за секој издаден резултат, согласно со барањата на стандардот MKC EN ISO 15189: 2013

Упатство за правилно земање, ракување, транспорт, прием, подготовка и складирање примерок за биохемиска анализа

ПРЕПОРАКИ ЗА ПАЦИЕНТИ

Поради сигурност на Вашите резултати од лабораториските анализи, потребно е дента пред да дојдете во лабораторија да конзумирате полесна храна до 18 часот. После 18 часот можете да пиете течности, најдобро вода и сокови без шеќер, но никако алкохол и кафе. Исто така, треба да избегнувате и интензивна физичка активност.

Наутро, пред да дојдете во лабораторијата, не смеете ништо да јадете и да пиете, посебно не кафе. Доколку имате редовна терапија, не ја земајте утринската доза на лекот, бидејќи лековите влијаат на точноста на Вашите резултати. Утринската доза понесете ја со Вас и земете ја после земањето крв.

Биохемиската лабораторија при Клиничката болница Аџибадем Систина Ве информира за начинот на подготовка пред изведување на одредени анализи:

Во современите лаборатории за вадење крв се користи посебен прибор на специјални затворени вакуум-системи, вакутејнери. (Vacuum-Container). Примероците за анализа ги зема обучен стручен медицински кадар во чии раце треба да се чувствувате безбедно.

Процедурата  се состои од три дела:
– венепункција, при што  медицинскиот лаборант ја воведува иглата низ кожата до вената,
– земање на крв, при што крвта низ иглата претекува во затворениот систем на садови, во епруветата со вакуум, при што сите потребни епруветки се полнат со крв, и
– процедура на венопресија, кога вената се држи притисната со памук и завој за да престане крварењето.
Венепункцијата најчесто се врши на внатрешната страна од лактот каде вената е најдобро достапна. Местото за венепункција се подврзува со Езмархова гумичка или ластик, за да вената стане видлива. Откако ќе ја стегнете тупаницата, но без да пумпате, вената станува уште понабрекната.
Процедурата на земање на крв обично трае околу 2-3 минути. Потоа местото на убодот мора да се притисне како би се забрзала процедурата на запирање на крварењето и би сеспречило создавање на модрица.
Дали боли?
Во моментот кога иглата поминува низ кожата можеби ќе осетите малку болка. Можеби ќе се појави и дополнителна нелагодност кога ќе почне да се полни епруветата. Ако земањето крв Ви предизвикува непријатност, кажете му на медицинскиот лаборант како би помогнал да целата процедура за Вас помине попријатно.
Корисни совети
Ако имате  длабоко поставени и невидливи вени, во консултација со Вашиот лекар, еден ден пред закажаниот термин за земање крв, да испиете 8-10 чаши вода. Тоа ќе ја олесни процедурата на вадење крв. Непосредно пред земањето крв треба да направите и некои вежби со рацете и со шаката. Ако имате сува кожа препорачливо е да мачкате хидратантна крема на целите раце, со што кожата ќе омекне и процедурата ќе биде полесна за Вас.
Ако чувствувате нервоза и вртоглавица, задолжително информирајте го медицинскиот лаборант, пред да почне процедурата. Земањето крв може да се направи и додека лежите опуштено во нашата специјална сполица, или да се одложи за кратко време, кога непријатноста ќе Ви помине. Ако земате лекови за регулирање на коагулацијата како Heparin, Varfarin, Coumadin, претходно треба да го информирате медицинското лице кое зема крв. Откако ќе заврши процедурата со земање на крв, медицинското лице ќе ја следи состојбата на местото на венепункција за да провери дали крварењето престанало. Дури потоа можете да ја напуштите просторијата.
Ако на местото на убодот настанала модринка треба истото да го премачкувате  со хепаринска крема или гел  два дена последователно, три пати дневно.

Доколку докторот нарачал снимање на делови од телото  во рентген кабинет тогаш мора да се земе предвид следното:
  • Крв за испитување треба да се земе пред да се направи снимање особено во случаи кога се користат контрастни средства.
  • Доколку прво се направи снимање со контраст, тогаш крв за анализа се зема после 48 часа од завршување на снимањето.

Садот за собирање урина мора да биде стерилен, и направен од инертна пластика. Најдобро е истот да го подигнете од нашата лабораторија. За рутинска анализа на урината се собира првата утринска урина, веднаш кога ќе станете од спиење, пред доручек, пиење кафе или други активности. Овој примерок се собира после 8 часа одмор во текот на ноќта, додека за тоа време урината била задржана во мочниот меур. Се собира среден млаз од мокрењето, без да прекинете, го подметнувате садот под млазот.

Предходните два дена пред собирање на 24-часовната урина исхраната треба да ја растеретите од многу месо и млeчни производи и да пиете доволна количина течности. Ви препорачуваме урината да ја собирате во специјален сад од 2 литра што ќе ви го дадеме од нашата лабораторија. Во тек на собирањето треба да го чувате затворен со неговиот капак, на ладно место. Обидете се да го направите сево ова во ден кога ќе можете да останете дома, на пример во недела.
Начин на собирање
Прв ден – почеток на собирањето Првата утринска урина ја фрлате, не се собира. Запишете време кога тоа сте го направиле, на пример 7 часот наутро. Сите следни порции од урина измокрувајте ги во садот, дури и ако станувате ноќе за мокрење.
Втор ден – крај на собирањето
Првата утринска порција се измокрува во садот. Пожелно е да се тоа во истот време кога почнавте вчера, на пример во 7 часот наутро. Со овој примерок од урината завршува правилното собирање на 24-часовниот примерок.
Садот со урината донесете го што поскоро во лабораторијата. За одредување на поедини аналити, урината мора да се собира со соодветен конзерванс. За тоа информирајте се во лабораторијата, каде ќе Ви дадеме и точни инструкции и соодветен конзерванс според потребата.

Тестот служи за откривање на гестациски дијабет и се прави од 24-та до 28-ма недела од бременоста, бидејќи најчесто се јавува во овој период.
Пред тестирањето кое може да се врши во текот на целиот ден (не мора рано наутро)  можете да јадете и да пиете нормално
Процедура на тестот:
Тестот започнува со мерење на гликозата од јагодицата на прстот т.е. во капиларна крв
Потоа се испива раствор од олигосахариди (250-300 ml вода и 50 грама гликоза)
Во текот на тестирањето  морате да седите во мирување, да не внесувате храна и течности бидејќи се мери активноста на базалниот метаболизам
Повторно мерење се врши после 60 минути од моментот на испивање на растворот
Потоа можете да продолжите со дневните активности како што сте планирале.

Орален тест за толеранција на гликоза (функционален тест)
ОГТТ е потребен за откривање и докажување на нарушена глукозна толеранција.
Начин на подготовка на пациентот:
Пред тестирањето во период од 3 дена, треба да јадете нормални количини јагленихидрати т.е. мешана храна која се состои од повеќе од 150 грама јагленихидрати дневно, се до вечерта пред изведување на тестот.  Пред да започне тестирањето мора да гладувате 12 часа
Мора да прекинете со земање на сите лекови кои имаат влијание на метаболизмот на гликозата 3 дена пред тестот
Процедура на тестот:
Треба да донесете прва утринска урина која мора да се провери за присуство на гликоза и кетонски тела. Позитивен тест е контраиндикација за ОГТТ. Во ваков случај се консултираме со Д-р Интернист – Ендокринолог за понатамошна изработка на тестирањето.
Тестот мора да започне во 8 часот наутро со мерење на гликемијата на гладно во капиларна крв. Потоа испивате раствор од олигосахариди (250-300 ml вода и соодветно количество гликоза) според упатот на лекарот кој го бара тестот. За трудници се тестира со 50 грама, а за небремени жени и здрави возрасни со 75 грама гликоза. За децата се мери според табела, според телесната маса.
Во текот на тестирањето мора да седите во мирување и да не внесувате храна и течности бидејќи се мери активноста на базалниот метаболизам
Повторните мерења се вршат после 60 и 120 минути од моментот на испивање на растворот, или во специфични случаи и подолго, според упатот на Докторот.

Два дена пред посетата во лабораторијата за земање крв за анализа не треба да конзумирате сокови збогатени со каротеноиди (црна рибизла, боровинка, капини, цвекло)
Серумското железо  не се одредува ако имате акутна инфекција
Кај пациенти со терапија со железо и/ии мултивитамински препарати кои содржат железо, мерењето треба да се изврши:
3 дена по интравенско примање на препаратот со железо,
откако ќе поминат 7-10 дена од завршување на терапија со таблетки,
1 месец по примање на интрамускуларна терапија.
Крвта за анализа на серумско железо мора да се земе исклучиво наутро, по 12-14 часа ноќно гладување, поради промена на неговата концентрација под влијание на цирка-дијалните ритми, посебно ако се мери за дефинирање на доза на терапија.

Дента пред земање крв за анализа треба нормално да се храните, конзумирајте лесна, немасна храна. Последниот оброк треба да е до 19 часот. Не пијте кафе и алкохол по 19 часот.
Одредување на холестерол не би требало да се врши пред да поминат 8 недели од акутен инфаркт на миокардот, хируршки операции, трауми, кршење на коски, акутни бактериски и вирусни инфекции и останати секундарни болести кои влијаат на метаболизмот на липидите.