fbpx

Д-р Симеонов ја спаси малата Анастасија, на 15-месечна возраст ѝ беше изваден тумор од 2 килограми

28.10.2019

Родителите се подготвени да направат сè за своите деца. Прво се обидуваат самите да им помогнат, но кога не можат да најдат решение, бараат помош од докторите. Понекогаш не сите доктори можат да помогнат, па тогаш родителите ги бараат најдобрите. Оние кои се стручни и искусни и кои ќе им понудат решение. Таков бил и случајот со шеснаесетмесечната Анастасија, на која на 7-месечна возраст ѝ бил дијагностициран тумор во стомакот. Стомакот почнал да се зголемува, а дишењето станувало сè потешко и потешко. Малото бебе често повраќало и барало постојано да биде во рацете на мама и тато. Само така успевала да се смири за момент, сè дури не започнела следната епизода на болка.

anas

Малото и кревко бебе било оперирано веднаш по дијагнозата и ѝ бил отстранет туморот. Но проблемите не завршиле тука. Дел од туморот останал во стомакот и продолжил да прави дополнителни проблеми. По 4 хемотерапии, туморот почнал повторно да расте, а докторите кренале раце од Анастасија. Избезумените родители биле подготвени да направат сè за своето чедо. Барале спас секаде. За нивна среќа, велат, судбината ги довела кај д-р Ристо Симеонов во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

anas

„Д-р Симеонов ги виде резултатите  и прифати заедно да ја водиме битката. По првите моменти на страв и агонија, решивме да почнеме тешка битка. Поминавме низ многу тежок пат досега, но пресреќни сме што Анастасија повторно се смее. Од мирно и повлечено бебе, кое постојано плачеше, сега ја имаме најнасмеаната и најтемпераментна ќерка. Порадосно дете од неа нема! Досега ја немаме видено таква. Сите сме пресреќни. Д-р Симеонов ни даде надеж и утеха, а тоа што го кажа се исполни. Ваков доктор би посакал секој родител, искусен, професионален и достапен за загрижените родители 24/7“ – изјавија Катица и Ристе Ризови од Валандово.

anas

Д-р Ристо Симеонов, детски хирург, објаснува дека станува збор за редок и сериозен тип на тумор и неопходно е да се изведе операција со која целосно ќе се отстрани туморот.

„Во претходната операција не беше отстранет целиот тумор и тој продолжил да расте многу интензивно. Од малото кревко тело на пациентчето извадив два килограми туморска маса. Туморот притискаше на дијафрагмата и вена кава, а Анастасија имаше отежнато дишење, и ако не се направеше интервенцијата веднаш, исходот ќе беше летален. Кај овој тип малигнен тумор нема потреба од хемотерапија ако се направи целосно отстранување. Туморот правеше голем притисок во левиот бубрег и слезинката, и бидејќи беа зафатени и овие делови, мораше да се отстранат и тие. Препораките се редовни контроли со ехо. По еден месец од интервенцијата ехонаодот е уреден, а девојчето продолжи со нормален живот. Овие тумори се ретки и многу ризични бидејќи ако има потреба од хемотерапија, колку што е сериозна операцијата, толку е сериозна и хемотерапијата. Туморот треба добро да реагира на хемотерапијата, а и детето добро да ја поднесе истата“ – објасни д-р Симеонов.