fbpx

Д-р Никола Баџаков предавач на Интернационален конгрес на гинеколози и акушери

17.10.2019

Спец. д-р мед Никола Баџаков, гинеколог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, учествуваше како предавач на 16. Интернационален конгрес во организација на UGOSCGRS – Здружението на гинеколози и акушери на Србија, Црна Гора и Република Српска, кој се одржа во Будва.

На конгресот како предавачи беа повикани еминентни доктори од сите поранешни југословенски простори, односно од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина. На повик на здружението предавач беше и д-р Баџаков, а на конференцијата присуствуваше и актуелниот претседавач на Европската асоцијација за гинеколошка онкологија ESGO, професор Денис Кварлу (Denis Querleu).

Budva
Budva

„Мое лично задоволство беше да презентирам наши искуства во лекувањето на раниот инванзивен карцином на грлото од матката кај жената која сака да биде онколошки излекувана и истовремено да ја зачува матката за да добие шанса да забремени во иднина. Таа метода во светот е воведена во 2000 година, а кај нас за првпат во 2004 година во поранешната специјална болница по гинекологија и акушерство ‘Мала Богородица’“, вели спец. д-р мед Баџаков.

Инаку, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е сè уште единствена во регионот во која се применува таа метода. Оперативниот зафат се изведува со таканаречена минимално инванзивна хирургија – лапароскопија, вагинално широко отстранување од грлото на матката -трахелектомија и лапароскопско вадење на жлездите во малата карлица (radical vaginal trachelectomy et laparoscopic pelvic lymphadenectomy).

„Сме породиле веќе неколку деца од спонтано забременети мајки или со помош, каде што имало потреба, од стручниот колегиум во болницата кој врши асистирана репродукција. Присутните на конгресот во своите дискусии ги поздравија постигнатите успеси и покажаа чудење за метод што се применува само во приватна болница во нашата држава“, додава спец. д-р мед Баџаков.

Конгресот се одржа од 26 до 28 септември годинава.