fbpx

Д-Р БОНГАРД ПРЕДАВАЧ НА КОНГРЕСОТ ЗА ВЕНСКИ ТРОМБОЕМБОЛИЗАМ

25.07.2019

Д-р Снежана Мешкоска-Бонгард од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ учествуваше на интернационален конгрес во организација на Здружението на кардиолози во Скопје. Темата на конгресот е тромбоемболизам – дијагностички пристап. Д-р Мешковска-Бонгард на конгресот имаше воведно предавање за дијагностичките методи за оваа болест.

„Целта на конгресот беше да се размени искуството, но и да се даде значење на оваа болест, која впрочем се смета за многу тешка па може да биде и причина за смрт, а којашто во нашата држава може да се дијагностицира на брз и едноставен начин. Потребно е должно внимание за венскиот тромбоемболизам кај сите доктори од сите специјалности затоа што венскиот тромбоемболизам може да се случи како компликација на други разни болести. На пример, во постоперативен период по гинеколошки операции, кај друг тип хоспитализација, кај пациенти кои се во залежување, а чест е и кај пациенти со канцер. На конгресот се потенцираше симптоматологијата на оваа болест со цел сите доктори од сите специјалности да размислуваат за неа и побрзо да дејствуваат“, вели д-р Мешкоска-Бонгард.

Начините на докажување на болеста се на база на симптомите и одредување на некои лабораториски наоди, како што се D-димерите. Дијагностиката може да биде и потешка, а клучно е знаењето на докторите.

„Од друга страна, болеста може да биде докажана и покрај ултрасонографските техники, кои се брзи и едноставни за изведување и брзо даваат точна дијагноза на периферна венска тромбоза, и примена на компјутерска техника за докажување на болеста. Сите институции во светот имаат различни технички можности за дијагностика на оваа болест. По распрашување на пациентот или анамнеза за утврдување на симптоми, би следел прегледот, па електрокардиограм, па ултрасонографско испитување на венската циркулација, па ултрасонографско испитување на срцето, кое може да покаже компликации од оваа болест, па рендгенска снимка, магнетна резонанца, компјутеризирана томографија, па ангиографија. Моето предавање беше да се потенцира дека дијагностиката може да биде и со многу и со малку техники, но потребно е познавање на оваа болест од сите нејзини аспекти“, вели Мешкоска-Бонгард.

Инаку, конгресот траеше три дена, имаше околу 100 учесници од Македонија, но и од други држави. На овој конгрес учествуваа доктори од јавното, но и од приватното здравство и имаше гости од Србија, Израел, Италија.