fbpx

Цигарите ја убиваат машкоста, превентивно одете на лекар

28.11.2018

За 15 отсто на годишно ниво се зголемува свесноста кај машката популација за машкото здравје, вели урологот д-р Даниел Петровски од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Сепак, докторот апелира и младите, но и мажите од сите возрасти, често и превентивно да доаѓаат на прегледи, затоа што во случаите кога болеста рано се детектира може и да се излечи 100 отсто. Ноември е месец на машкото здравје, врзан со позната акција „Мовембер“, кога мажите пуштаат мустаќи во знак на тоа дека треба да расте свесноста за опасностите од болестите на тестиси, на мочниот меур, на простатата. Во овој месец и почесто се зборува за овие здравствени проблеми, иако доктор Петровски вели дека во лекувањето клучно е навременото откривање.

„Ние веќе неколку години го форсираме овој месец на машко здравје. Не треба да е само овој месец, секое време е добро да се потсетува на потребата од преглед. Секако, сите граѓани, млади, но и постари мажи треба превентивно да се јавуваат на лекар. Ако забележат некои симптоми, да не ги премолчуваат туку да побараат помош. Со симптоми како болка, покачена температура, проблеми со уринирање, тоа значи дека треба да се јават на лекар, на матичен или на уролог, за да се востанови за што станува збор“, вели доктор Петровски.

Тој нагласува дека во последните години за 10 до 15 отсто се зголемува свесноста за машкото здравје. Тврди дека има одреден процент на пациенти коишто на лекар се јавуваат многу доцна, но и дека бројот на овие случаи, иако бавно, се намалува.

Таканаречените машки болести се јавуваат и кај помладите. Во време на навршување на пубертет, советува докторот, треба да се внимава на развојот на тестисите, на секоја нивна промена. Најчесто заболување е тумор на тестиси, но често се случувало пациентот да не дојде на лекар на време поради срам, односно од причина што младиот човек не им соопштил на време на родителите дека има проблем.

Кај повозрасната популација станува збор за заболувања на простатата.

„Младите се посвесни и веднаш доаѓаат на доктор. Сепак, кога станува збор за канцер на тестиси кај помладата популација, има случаи кога пациентите се срамат и не кажуваат дека имаат проблем, па туморот расте по неколку сантиметри. Кај повозрасната популација најчести заболувања се рак на простата и рак на мочен меур. Во однос на симптомите, треба да се внимава. Ако се појави крвава урина, веднаш да се јават на лекар“, вели доктор Петровски.

Според урологот, истражувањата покажале дека цигарите ја убиваат машкоста, но и создаваат сериозни тумори, особено на мочниот меур. Никотинот се смета за главен причинител.

За детектирање на карционом на простата се прават тумор-маркери. Доколку вредноста на ПСА во крвта е повисока од дозволената, веднаш се пристапува со дополнителни прегледи. Урологот д-р Петровски вели дека најризични се мажите кои имаат допир со хемикалии, бензин, нафта, вработени во кожарската индустрија и слични професии.

НЕ ПУШТАЈ САМО МУСТАЌИ, ДОЈДИ И НАПРАВИ ПРЕГЛЕД

Движењето „Мовембер“ веќе прерасна во глобална хуманитарна акција, чија иницијатива се состои во подигнување на јавната свест за машкото здравје. Во текот на ноември, Клиничка болница „Аџибадем Систина“ формираше тим за едукација со цел одржување на едукативни работилници за различна возраст на мажи, со коишто би ја подигнале свеста и би ја подобриле нивната здравствена состојба. Тим од стручни лица имаше средба со Специјалната единица на МВР – „Тигри“, како и со вработените од Спортскиот центар Synergy Fitness & Spa и со вработените од Olympia Motors. Главната порака што беше пратена на овие работилници е дека редовните прегледи и едукацијата можат да спасат нечиј живот!