fbpx

БРАЌА, ДОКТОРИ И ВЕЛОСИПЕДИСТИ – ДУХ И ЕНЕРГИЈА НА ДВЕ ТРКАЛА

04.06.2020

Двајцата се врвни и докажани специјалисти – посветени на работата со сиот свој потенцијал, се разбира и стручен и физички. Но, духот е важен. Тоа докторите Димитар и Иван Трајкови многу добро го знаат. Почнале да возат велосипед уште како мали деца. Сега тоа им е многу повеќе од рутина за одење на работа или повремено практикување. Велосипедизмот им е хоби и потреба и љубов и стил на живот. Димитар Трајков е гастроентерохепатолог, а Иван Трајков докажан кардиолог во „Аџибадем Систина“. Посветеноста кон пациентите е несомнена, но животот целосно им е исполнет и поради негувањето на големата љубов кон велосипедизмот.

Првите велосипеди, како и секое дете, ги добиле од родителите. Ама нивниот татко, исто така доктор, негувал посебна љубов кон возењето. Самиот уште тогаш на работа секој ден одел возејќи.

trajkovi

ЉУБОВ ОД ДЕЦА

„Љубовта кон велосипедизмот почна од татко ми. Тој беше професор на Медицинскиот факултет и на работа одеше со велосипед. Гледавме фотографии од тоа кога бил млад и по војната добил некој велосипед во Англија. Потоа, се сеќавам, цело време зборуваше дека ние, младите, мора да спортуваме. Подоцна ни купи пони-велосипеди. Потоа се фокусиравме на образованието, па кога завршивме со факултетот продолживме со велосипедизмот“, ја почнува приказната д-р Иван Трајков. А како мали играле и фудбал и кошарка, како и сите деца. Сепак, велосипедизмот останал прва и огромна љубов. Д-р Иван Трајков за матура добил, како што вели, сериозен велосипед. По школувањето, или од 2005 година повторно ги активирале велосипедите кои им станале вентил за релаксација.

СЕГА ВОЗАТ И ПО 10.000 КИЛОМЕТРИ ГОДИШНО

„Тоа е одличен спорт, а и ти го олеснува живеењето. Во Скопје можеш за кратко да стигнеш од еден на друг дел, но и да се дружиш со луѓе. Покрај социјалниот момент, ова е спорт кој е добар за одржување на кондицијата, а имаш и убави вибрации. Тоа е и спорт кој комплетно ме исполнува. Во секое време. Нашата професија ни го ограничува слободното време, сепак секогаш наоѓаме кога да возиме, и тоа редовно, особено за време на викенд“, вели д-р Димитар Трајков, гастроентерохепатолог. „Прво почнав јас како постар брат, па подоцна го активирав и него. Ги купивме тие планински велосипеди и почнавме сè повеќе да се навлекуваме на оваа пасија“, додава д-р Иван Трајков.

trajkovi

ИСКУСТВА ЗА ПАМЕТЕЊЕ

А првото друштво било маалско. Докторите Трајкови живееле во Дебар Маало, а речиси сите нивни другари имале велосипеди. Едно од збиралиштата им била слаткарницата „Апче“, до која оделе со велосипед. Но потоа велосипедите станале живот. Дистанците за возење подолги, Водно првата потешка рута.

trajkovi

Го следиме спортот, се посветуваме на оваа љубов. За нас ова е сериозен спорт кој секако е добар за кондиција. Од друга страна, се чувствуваш убаво и позитивно, убаво е што можеш да го практикуваш и сам и со пријатели, односно е и индивидуален и социјален спорт“, вели д-р Димитар Трајков. Д-р Димитар еднаш паднал од патот на Водно надолу. Сепак, и двајцата имаат опрема потребна за планинско возење. „Најдалеку што сме стигнале, секако по постарите патишта, се дестинациите од Скопје до Куманово, Гостивар и Свети Николе. Ни требало и по четири часа да одиме и да се вратиме. Сме возелe и во Охрид. Тоа што сме друштво во кое сите возат значи и дека си правиме добра релаксација. Важен е социјалниот момент. Дури си делиме и награди за тој што поминал најмногу километри со велосипед во текот за година. На работа одиме со велосипед, а и каде и да излезам надвор од градот на повеќе денови го носам и велосипедот. Брат ми има два сина, јас имам две ќерки, и фамилијарно исто така сите возиме. Јас дури и на пациентите им велам да возат велосипеди“, вели д-р Трајков. И двајцата велат дека велосипедот им е среќа и тоа ќе биде така и во иднина.