fbpx

Благодарност до д-р Караѓозов, го излечи стапалото со гангрена на дедо Миливој

31.07.2019

Уште една животна приказна го имаше својот среќен крај во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Семејството на пациент кој во нашата болница стигнал со сериозна инфекција на ногата е благодарно и среќно што сега Миливој Павлески се движи нормално и нема никакви компликации. Тимот доктори предводен од д-р Митко Караѓозов успеал на пациентот да му ја третира отворената рана на ногата, која сега целосно е заздравена.

Станува збор за пациент дијабетичар, кој пред една година дошол во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со отворена рана.

„Претходно бил третиран во други болници, но болеста прогресирала. Направивме прво ангиографија, па бајпас, а потоа почна третман на раната со вак-системи, со вак-пумпи. Впрочем, пациентот имаше проблем со дијабетично стапало и во болницата дојде со почетен стадиум на гангрена. Направивме debridement, а стануваше збор за голема површина на долниот дел од стапалото, која беше многу инфицирана. Сепак, ампутација не се изврши, односно пациентот беше спасен“, вели д-р Караѓозов.

Семејството на Павлески е благодарно и велат дека дури не верувале дека тој ќе успее. Сепак, ногата на Павлески е сосем заздравена и раната е затворена.

„Големо благодарам до д-р Караѓозов и сестра Сашка, всушност благодарам е мал збор за да кажеме колку сме задоволни од нив. Тие се залагаат за пациентите како да се дел од нивното семејство. Сестра Сашка Ленц во секое време беше достапна за пациентот без оглед дали стануваше збор за ден кога е на работа или не. Овие луѓе се достојни за почит и гордост на целото торакално одделение, кое функционира беспрекорно“, вели ќерката на Миливој, Марина Павлеска.