fbpx

ЕНИС БАРДИ НАТПРЕВАРОТ СО ГРУЗИЈА ГО СЛЕДЕШЕ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ – ПРЕСРЕЌЕН Е ЗА ПЛАСМАНОТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

13.11.2020

Поради повреда на грбот, младиот фудбалер од македонската репрезентација Енис Барди не беше во можност историскиот успех да го прослави заедно со неговите соиграчи во Грузија, но затоа силно ги бодреше од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што беше третиран и повредата му беше успешно санирана.

Барди ден по историската победа и пласманот на Европското првенство вели дека е пресреќен за победата и дека неговите соиграчи испишале историја, правејќи ја горда целата држава.

„Пресреќен сум за победата на македонската репрезентација. Натпреварот го следев од болничката соба во ‘Аџибадем Систина’ и ги бодрев моите соиграчи, со кои за првпат не сум заедно на теренот поради повредата што ја имам. Ми доаѓаше да станам и да играм. Оваа генерација, овие момци и македонскиот народ ја заслужија победата. Беше долг пат, му честитам на Пандев и на сите, среќен сум што ќе бидеме дел од европското првенство. Секоја чест за сите момци и за селекторот кои дадоа сè од себе, кои изгинаа до крај и испишаа историја“, изјави Енис Барди.

Тој сега се чувствува добро благодарение на третманот во „Аџибадем Систина“ и на трауматологот д-р Михајло Ивановски и специјалистот по физикална медицина и рехабилитација, д-р Аница Хаџи-Петрушева Јанкијевиќ.

 

fudbaler Bardi

„Имав болки во грбот и во градниот кош, поради што имав грчење во мускулот, но по терапијата и физикалниот третман што го добив во ‘Аџибадем Систина’ веќе по три дена се чувствувам многу подобро. Сега многу повеќе се движам и немам болки, огромна благодарност до сите доктори и до целокупниот персонал“, посочува Барди.

Д-р Ивановски вели дека станува збор за мала повреда на грбот настаната за време на тренажен процес и дека, за среќа, немало потреба од поагресивна интервенција кај пациентот.

„Пациентот беше третиран со добра анелгезија и физикална терапија, сега е добар и денеска ќе си замине дома. Во договор со селекторот може за брзо да му се дозволи и тренажен процес“, вели тој.

Клучна за заздравувањето и рехабилитацијата на пациентот била физикалната терапија, која дала одлични резултати и благодарение на која ќе може да им се придружи на своите соиграчи на фудбалскиот терен и ќе може да игра на следниот натпревар во Букурешт.

„По примањето на соодветна анелгетска и ампуларна терапија настапи подобрување на состојбата кај пациентот, по што успавме да започнеме со физикалната терапија која беше во насока на соодветни вежби за заздравување, кои ги работеше со физиотерапевтот Дејан Парцанов. По неполни 48 часа пациентот се чувствува многу подобро, подвижноста е вратена во нормала и Енис наскоро ќе може да се врати на терен“, појаснува д-р Хаџи-Петрушева Јанкијевиќ.

Енис Барди е нестрплив да се врати на спортскиот терен. Тој заедно со своите соиграчи очекува повторно да испишат историја на 13 јуни во Букурешт и овој пат заедно да слават за победа над Австрија.

Барди досега во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ имаше и две успешни интервенции на колената, извршени од страна на д-р Борислав Илиев.

Budbaler bardi i d-r ivanovski