fbpx

„Аџибадем Систина“ спонзор на Дејвис куп и на два други меѓународни тениски турнирa што се одржуваат во Македонија

01.06.2021

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е златен спонзор на три меѓународни тениски турнири кои ги организира Тениската федерација на Македонија. Станува збор за меѓународни турнири на кои учествуваат тенисери од повеќе земји, а во организацијата болницата се вклучува и со дополнителна медицинска поддршка и обезбедува доктори и  физиотерапевти кои во текот на натпреварите се грижат за тенисерите.

Од неодамна во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ функционира најмодерен Премиум центар за физикална медицина и здрав живот, со што болницата го унапреди својот квалитет и залагањата за здравјето на граѓаните. Поддршката на спортските натпреварувања не е новина, но за менаџментот и за вработените во „Аџибадем Систина“ секое ново што се одржува во нашата земја е гордост.

Тениската федерација на Македонија во месецов ( 19. 6.2021 – 27.6 2021) организира натпревари од Дејвис купот на кои ќе учествуваат девет репрезентации – Македонија, Андора, Албанија, Косово, Азербејџан, Ерменија, Сан Марино, Молдавија и Црна Гора. Во земјава ќе присуствуваат најдобрите тенисери од овие земји, но и дополнително главни судии, линиски судии, собирачи на топки, одржувачи. За сите нив ќе биде обезбеден ПЦР-тест во потребното време и секако со брз резултат.

Другите два настана се од календарот на Интернационалната тениска федерација ( ИТФ турнири) и припаѓаат на Светската турнеја (World Tennis Tour), двата со награден фонд од 15.000 американски долари. Започнаа на 29 мај, а ќе траат до 13 јуни. На првиот турнир учествуваат 87 тенисери од кои 63 во квалификациите кои ќе играат за 8 позиции во главниот турнир и 24 тенисери кои директно ќе влезат во главниот турнир.

На турнирите ќе учествуваат тенисери од 24 држави – Италија, Аргентина, Полска, Франција, Чешка, Бугарија, Словенија, Белгија, Холандија, Црна Гора, Хрватска, Германија, Велика Британија, Австралија, Ирска, Соединетите американски држави, Чиле, Романија, Русија, Унгарија, Јапонија, Србија и Македонија.

Натпреварите се одржуваат на терените на Тенискиот клуб Југ, под посебни ковид-протоколи кои гарантираат безбедност за сите учесници на турнирите. Сите тениски мечеви ќе се пренесуваат на спортскиот канал на Македонската радиотелевизија – МРТВ 3.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како општествено одговорна компанија и во минатото и сега демонстрира голема свесност и е голем поддржувач на спортските натпревари. Таа посветеност ќе ја одржуваме и во иднина. Пандемијата на Ковид-19 ги измести приоритетите и промени многу од спортските правила, но спортскиот дух е најважен во одржувањето на здравјето.