fbpx

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ЈА ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКАТА НЕДЕЛА НА ДОЕЊЕТО

03.08.2023

Под мотото „Да го овозможиме доењето, да им помогнеме на вработените родители“ од 1 до 7 август се одбележува Светската недела на доењето. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и оваа година ги поддржува активностите поврзани со Светската недела на доењето, давајќи придонес во подигање на севкупната свест за важноста на доењето и придобивките од мајчиното млеко. Во текот на цела година се одржуваат бесплатни предавања за идните родители на кои искусен тим од доктори и медицински сестри им ги пренесува предностите на доењето, теоретски и практично, а дополнително за пациентките на располагање се и електронски и печатени едукативни материјали за доење.

x

Стручниот тим неонатолози спроведува редовни контролни прегледи за следење на растот и развојот на новороденчиња и доенчиња до една година, како и консултативни прегледи. Како резултат на бројните активности што се преземаат во нашата установа поврзани со доењето и употребата на мајчиното млеко, болницата бележи одлични резултати  и постигнувања поврзани со исхраната на бебињата родени во нашата болница.

„Благодарение на едукацијата на родителите пред породувањето, по породувањето и за време на престојот во нашата болница, за време на редовните контроли во нашите консултативни амбуланти, имаме процент на деца што се ексклузивно доени, кој е далеку над тој во европските земји и во светот, особено ако се земе предвид дека исхраната само со мајчино млеко насекаде бележи тренд на намалување во последните три години. Во нашата болница, според податоци од 2022 година, на денот на испис од породилиштето повеќе од 60% од бебињата се на исхрана само на мајчино млеко, а тој процент се наголемува и до 80% во првите 6 месеци од животот кај бебињата кои се следат во нашата амбуланта“, вели прим. д-р Душко Фидановски, специјалист по педијатрија.

shutterstock

Бебињата родени во „Аџибадем Систина“ се згрижуваат според принципот руминг-ин (rooming-in), што подразбира 24-часовен престој на новороденчето во собата со мајката. Делењето иста соба ja зајакнува психолошката врска меѓу мајката и бебето и овозможува побрзо воспоставување на доењето. За време на престојот, мајките добиваат помош при совладување на техниките за доење и совети за нега и грижа на новороденчето во домашни услови. Ваквиот пристап ја зголемува самодовербата на мајката и ѝ дава чувство на сигурност дека го прави најдоброто за бебето.

На Oдделот за неонатална интензивна нега има посебен простор за складирање на измолзено мајчино млеко, кое се користи за предвремено родените бебиња хоспитализирани на овој оддел, што е од непроценлива вредност за успехот на нивното лекување. За доилките што ја посетуваат „Аџибадем Систина“ има на располагање посебно опремена соба, наменета за најубавиот чин – доењето. Во секое време, на доилките им е достапна пумпа за измолзување, а за време на доењето, може да се информираат за техниките на доење преку видео и инструкции на медицинските сестри од Одделот за неонатологија.