fbpx

„Аџибадем Систина“ дел од националната кампања „Биди срцевина, биди херој”

28.05.2019

„Аџибадем Систина“ активно се вклучи во националната кампања на Клиниката за хематологија „Биди срцевина, биди херој”, чија цел е подигнување на националната свест за зголемување на бројот на потенцијални дарители на коскена срцевина во македонскиот регистер, како дел од светскиот регистер на доброволни дарители на коскена срцевина.

Првичната идеја и иницијатива беше поттикната од страна на Ленче Спасовска, одговорна сестра на Одделот за кардиологија и интерна медицина, која со помош на д-р Лилјана Хаџи Пецова, хематолог при нашата болница, оствари директни контакти со проф.Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, што резултираше со организирање  кратко едукативно излагање  во просториите на нашата болница за идејата, целите и очекуваните резултати на оваа кампања.

Многубројните заинтригирани присутни добија одговор на суштински прашања околу условите неопходни за членство во регистарот, постапката и начинот на типизација на примероци од периферна крв, самиот принцип на изведба на  трансплантација и најсуштинското – се уверија во  едноставноста и безбедноста на целата процедура.

Иако замислен првично само како едукативен, позитивната атмосфера спонтано  го одведе настанот чекор понапред, што резултираше и со првите десетина доброволни дарители од редовите на нашата болница.

„Ме прави среќна покажаниот интерес и првичниот успех на кампањата во нашата болница“, вели Спасовска. Свесни дека македонскиот регистер брои незначителни 3.000 члена, наспроти светскиот, кој е на завидна бројка, и имајќи го предвид постојаниот порастот на малигните хематолошки болести, суштинско е луѓето да ги добијат неопходните информации. Секоја здрава индивидуа на возраст од 18 до 50 години со доброволно дарување на 5 мл периферна крв може да стане член на македонскиот регистар на дарители на коскена срцевина. Доколку во догледен период биде избран како подобен, несроден а компатибилен дарител за пациент сеедно каде во светот, со дополнителни согласности, повторена типизација, тридневно примање стимулативна терапија и едноставна и крајно безбедна постапка на дарување и истовремено сепарирање на крв – секој од нас може да спаси живот!

Секој од нас може да биде срцевина, секој од нас може да стане херој!