„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДЕЛ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ КОНГРЕС НА ГИНЕКОЛОЗИ И ОПСТЕТРИЧАРИ
Клиничка болница „Аџибадем Систина“ беше дел од петтиот Конгрес на гинеколози и опстетричари кој од 11 до 14 мај се одржа во Охрид. Станува збор за конгрес со меѓународно учество каде што своите знаења и искуства од најразлични области на гинекологијата и акушерството ги споделија експерти од нашата држава, Италија, Турција, Малта, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија.

Предавачи од Клиничка болница „Аџибадем Систина“ беа: д-р Александар Бојаџиев со излагање на тема „Што е ново во подобрување на ендометријалната рецептивност и спречувањето на имплантациониот неуспех од ендометријално потекло: преглед на етиологијата, дијагнозата, третманот и идните насоки“ и доц. д-р Корнелија Трајкова, која ги сподели најновите истражувања на тема „Микроорганизми во репродуктивен период и бременост – дилеми и препораки“. Стручно излагање имаше и д-р Ирена Шуплиновска на тема „Креација на неовагина кај MRKH-синдром: вагино-лапароскопска техника по Давидов“.

На свеченото отворање на Конгрeсот беа доделени благодарници за повеќегодишна поддршка во развојот и остварувањето на целите на Асоцијацијата на гинеколози и акушери. Вакво признание добија нашите гинеколози: д-р Слободан Дракулевски, д-р Слободан Лазаревски, проф. д-р Глигор Димитров, д-р мед. науки Никола Баџаков и д-р Павле Димчев за нивната континуирана посветеност и споделување на искуства на досегашните активности на здружението.

Организатор на конгресот е Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, во соработка со Македонското лекарско друштво. Клиничка болница „Аџибадем Систина“, покрај едукативниот придонес со излагање на стручни презентации од страна на тимот гинеколози акушери, оваа година беше и еден од главните поддржувачи на конгресот.

Со тоа, уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за поддршка на едукативни настани кои имаат за цел да го подигнат нивото на едукација и доусовршување на тимот. На настанот беше присутен тим од 16 гинеколози акушери од нашата болница кои имаа можност да го споделат своето искуство, но и се запознаа со најновите достигнувања во областа на гинекологијата и акушерството од страна на врвни експерти од земјава и регионот.