fbpx

83 дена стоев пред инкубаторот, го допирав стаклото замислувајќи дека ја галам Марија

08.11.2019

AcibademSistina Marija

Медицински сестри и доктори кои постојано се во акција, непрекинато отчукување на машините за следење на виталните функции, многу инкубатори и мали бебиња кои се борат да ги победат сите тие апарати и самостојно да функционираат. Со оваа слика секојдневно се среќаваат родителите на предвремено родените бебиња. Некои остануваат таму само неколку дена, некои, пак, поминуваат подолго време пред да заминат дома. Заедничко за сите нив е тоа што примаат голема љубов и поддршка од тимот на неонатална интензивна нега и од своите семејства. Заедно поминуваат низ многуте предизвици кои ги носи предвременото раѓање.

Малата Марија е една од нив. Родена во 29. гестациска недела со само 790 грама. Нејзината мајка Кристина објаснува дека поминале низ многу тежок период, исполнет со многу солзи и стравови. Првиот удар кој ѝ го задал животот било губењето на сестричката на Марија. Животот ја ставил на раскрсница, тагувала за загубата на едното чедо, а од друга страна морала да остане присебна и храбра за малата Марија, која се борела за живот.

Првиот допир

AcibademSistina Marija

„Голем шок за секој родител е кога ќе видите толку мало и беспомошно бебе од 790 грама како лежи во инкубаторот и се бори да остане во живот. Во тие моменти се чувствував многу беспомошно, бидејќи ништо не можев да направам. Единствено нешто што можев да сторам е да стојам пред инкубаторот, да го галам стаклото и да му зборувам на малото бебе за да го слуша мојот глас и секој ден да се надевам дека што поскоро ќе дојде моментот кога ќе ја земам Марија во моите прегратки. Не можев да ја гушнам, да ја погалам и да ѝ кажам дека не е сама. Чувствував премногу емоции, пат исполнет првенствено со страв, неизвесност, слабост, голема болка во душата, а истовремено полн со надеж и верба. Поминавме 83 дена на Одделот за неонатална интензивна нега во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Д-р Душко Фидановски беше постојано со нас, ни беше голема поддршка и ни даваше надеж дека сè ќе биде како што треба… Откако се избори на интензивна нега, следуваше уште еден тежок период исполнет со страв, секојдневни контроли и следење на предвремено родено бебе.

 

Мигот кога првпат ја зедов Марија во раце

AcibademSistina Marija

За среќа, тешките денови се зад нас, денес сум премногу горда мајка на еден голем тригодишен борец кој секојдневно ме прави среќна и ме исполнува. Се радуваме на сите нови работи, на сè ново што таа ќе научи, на секое нејзино движење, вртење, седнување, прозборување. Преголема благодарност до целиот тим на неонатологија кој се грижеше за Марија, на чело со д-р Фидановски. Вечно благодарна ќе им бидам и на најдобрите доктори од одделот за гинекологија, д-р Слободан Лазаревски и д-р Гордана Петровска.

 

Мојот совет до идните мајки на предвремно родени бебиња, никогаш не губете надеж и верба во малите херои. Бидете храбри, трпеливи и верувајте во своите мали борци!“ – објаснува Кристина Коколанска.