fbpx

Исидора Бјелица открива – 5 ТАЈНИ ЗА СРЕЌЕН ЖИВОТ

30.11.2018

Луѓето постојано се жалат… На сè и сешто. Особено на работата што ја работат, на шефот, колегите…Размислуваат како би им било подобро на некое друго место, сонуваат да се ослободат од соседите, досадната роднина, колегата, шефот, свекрвата…Целиот стрес на модерниот живот произлегува од дисонанцата помеѓу нашите желби и нашата реалност! Поточно, она што  ние го гледаме како наша реалност и она што го замислуваме, во двата случаи со многу ограничена перцепција.

Меѓутоа, дали ние навистина знаеме што сакаме и зошто не нè учат како тоа да го постигнеме без стрес?

Правило број еден – тоа што го одбиваш расте и добива повеќе сила. Затоа повеќето од луѓето не ја знаат едноставната тајна на универзумот дека за да се ослободите од нешто, вие тоа прво мора да го прифатите. Само на тој начин, а не со отпор и одбивање, може нешто да се неутрализира и отфрли. Сè додека со сите сили се бориме да ја уништиме некоја личност или појава таа ќе расте, а дури и ако навидум изгледа дека сме се ослободиле од неа, ќе се соочиме со уште посилен удар. Тоа е исто како да сме се ослободиле од луд сосед, а на негово место дојде некој уште полош.

Правило број два – секој конфликт, без разлика на причината или приказната зад него, е последица на различните нивоа на свеста кои доведуваат до недоразбирања и силни антагонистички нагони. Ние сметаме дека најважен е предметот на расправијата, дали се работи за различни ставови, погледи или уверувања, но всушност ако прочепкаме малку подлабоко ќе видиме дека се работи за шум во каналот на различните нивоа на свеста кои на истата работа гледаат различно. Во каков конфликт и да западнеме, без разлика дали е личен или работен, важно е веднаш да го одвоиме предметот на расправијата од разбирањето дека се работи за конфликт меѓу различните нивоа на свест и дека тука нема простор ниту за убедување, а ниту, пак, за објаснување бидејќи секој го гледа тоа што може да го види. Дури тогаш можеме да го решиме проблемот бидејќи ако го терате бебето кое ползи да трча, тогаш вие сте тие кои не ја согледувате суштината на проблемот.

Правило број три – енергијата со која нешто работиме остава печат на сработеното. Може да се работи за готвење, сликање, дружење или која било друга навидум напорна и тешка работа. Ако ѝ приоѓаме на работата со тешкотија, незадоволство, досада и чувство дека сме жртви на тоа што мораме да го сработиме, работите ќе станат токму такви и уште понепријатни. Затоа, ако не можеме да работиме со радост, треба да го пронајдеме тоа што сакаме да го правиме и тоа да го работиме. Не ги живееме туѓите желби, туку своите. Сосема е нерационално да се присилуваме себеси на непријатна рационалност.

Правило број четири – секој го живее она што мисли дека му припаѓа, а тие програми се најчесто наследени од семејството и околината до вашата седма година. Затоа репрограмирањето на верувањата не може да се изврши со свесна одлука бидејќи тие програми се во потсвеста. Најпознатиот светски епигенетичар, професор Липтон, ни даде најважен совет дека таму каде што работите ни одат најтешко, таму всушност постои деструктивна програма која мора да се репрограмира. Постојат повеќе начини на репрограмирање, како тета, хипноза, преку сонот итн.

Правило број пет или грешката на врзувањето. Тоа за кое се врзуваме до тој степен да не можеме да си го замислиме животот без него, токму тоа привремено или трајно ќе ни биде одземено. Тоа е таа точка во која чистата љубов преминува во врзување. Основниот закон е законот на општата промена низ која нашата вечна свест поминува и затоа секое врзување ќе биде „казнето“ од страна на матрицата бидејќи ниту ние самите не можеме да се задржиме во ова тело и затоа таквото патолошко врзување е секогаш болно. Петтото правило вели дека чистата и безусловна љубов е таа во која нема патолошко врзување во која понекогаш знае да изгалопира блискоста. Ако некој или нешто навистина сакате што подолго да го задржите, тоа нека биде нешто што го љубите, а не нешто што ви „треба“ и без кое не можете да живеете.