fbpx

26-ГОДИШНАТА АРДИЈАНА МУЈИ ПО ТЕШКА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА ПОВТОРНО ЗАСТАНА НА НОЗЕ, БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПРОФ. Д-Р САВЕСКИ И Д-Р ТРАЈКОВСКА

13.12.2023

Кога на 26 години судбината ќе си поигра со животот и кога по сите предизвици повторно ќе застанеш на нозе, дознаваш колку си среќен, објаснува Ардијана Муји. Враќајќи се накај дома, на патот пред нивниот автомобил претрчува животно. Лошите временски услови дополнително ја отежнувале ситуацијата, па тие излетале од патот. Заедно со Ардијана во автомобилот имало уште две лица, кои поминале без повреди, но не и Ардијана. Веднаш повикале брза помош и ја пренеле во најблиската болница. Низа снимања, потребни анализи и дијагноза којашто, ако веднаш не се реагира, може да доведе до парализа.

„На снимката што ја добивме беше покажано дека мојата сестра има скршен прешлен и дека продира во спиналниот канал. Сите доктори што таму ја прегледаа рекоа дека за овој случај интервенција не може да се направи во Косово, немало специјалист доктор за ова. Во болницата во Приштина бевме само неколку часа. Веднаш по направените анализи кога ни кажаа дека операцијата не може да се направи во Косово, нивна препорака беше најитно да се направи“ – низ солзи раскажува нејзиниот брат.

CAN

Докторите од Приштина им дале препорака за проф. д-р Јордан Савески и д-р Неда Трајковска од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје. Телефонскиот повик со барање за трансфер на пациентката бил по завршено работно време, меѓутоа клучните зборови биле 26-годишна пациентка и некомплетна парализа на долни екстремитети. Му ги испратиле сите достапни иследувања и извештаи на проф. Савески и веднаш штом докторот ги видел, дал насока да се подготви операционата сала.

„Првата реакција на секој хирург што се занимава со спинална траума е сега, веднаш, што побргу. Со секој изминат час, шансите за невролошко закрепнување драстично опаѓаат. Тоа не важи за пациенти со фрактури на ‘рбет без невролошки дефицити, делумно важи за пациенти со знаци за комплетно оштетување на нервните структури и последична парализа. Меѓутоа, групата пациенти со некомплетна парализа е една од врвните хируршки приоритети и итности“ – објаснува проф. Јордан Савески.

CAN

Пациентката во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ беше донесена со медицински транспорт околу 2,5 часа по телефонскиот разговор.

„При првиот клинички и невролошки преглед, потврдивме некомплетна параплегија (ASIA C). Веднаш беше направена магнетна резонанца, која е неопходна за проценка на степенот на невролошкото оштетување. Кај Ардијана имаше мултифрагментарна фрактура на првиот слабински прешлен со коскени фрагменти, кои навлегуваа во спиналниот канал и вршеа компресија на ‘рбетниот мозок. По кратката предоперативна подготовка, оперативната интервенција почна по 1,5 час од нејзиното влегување во нашата болница“ – вели д-р Неда Трајковска.

Семејството на Ардијана Муjи било информирано детално за процедурата и можните исходи, како и за можноста од потреба од дополнителна оперативна интервенција во случај да не е можна адекватна декомпресија на ‘рбетниот мозок во еден акт.

 „Интервенцијата помина уредно, без компликации. Се направи фиксација на тораколумбалниот сегмент, декомпресија на ‘рбетниот мозок  и репозиција на фрактурата. Уште во првите минути по будењето од анестезија, забележавме драстично подобрена моторика на долните екстремитети. Два дена по приемот и оперативната интервенција, се направи контролна компјутерска томографија на која се потврди анатомска репозиција на фрактурата и комплетна декомпресија на ‘рбетниот мозок, поради што немаше потреба од дополнителна оперативна интервенција со преден пристап“ – објаснуваат докторите за интервенцијата што ја извеле кај Ардијана.

CAN

Ардијана, сѐ уште збунета и во шок, вели дека сѐ се одвивало како на филм. Моменти што сака да ги избрише од своето сеќавање. Во целата несреќа вели, среќна околност е тоа што „паднала“ во вистински раце. Проф. д-р Јордан Савески и д-р Неда Трајковска ѝ го спасиле животот, ѝ дале втора шанса. Вечно ќе им биде благодарна и ќе ги спомнува засекогаш.

„Долниот дел од телото воопшто не го чувствував. Она што е најважно е дека кога дојдов во ‘Аџибадем Систина’, мене директно ме внесоа во сала за операција. Кога заврши операцијата и се разбудив, само што почна да попушта анестезијата и јас почнав да ги чувствувам нозете. Ова е тоа што беше за неверување. Утрото веќе ги движев и нозете и прстите. Ова е најголемата радост за мене и успех за докторот. Сега можам да се движам без никаков проблем, со мала помош од физикален терапевт“ – низ солзи раскажува Адријана.

„Многу сме му благодарни на д-р Савески што веднаш ја подготви операционата сала за да ја направи операцијата. Не се губеше време на снимање, бидејќи ако чекавме уште еден ден, тоа можеше да биде преголем ризик. Операцијата траеше околу 3,5 часа. Докторот нѐ информираше  дека операцијата е завршена успешно, а половина час по операцијата, таа почна да прави движења. Ова беше многу поголем успех и од очекувањата на докторот, бидејќи очекуваше дека пациентката ќе почне со движење ден-два по операцијата, а не по само половина час“ – вели нејзиниот брат.

Уште првиот ден по операцијата, Ардијана била вертикализирана и мобилизирана и се започнало со рана интензивна постоперативна физикална терапија за која била задолжена д-р Аница Хаџи-Петрушева-Јанкијевиќ. Една недела по приемот, пациентката била подготвена за испис, без невролошки испади (ASIA E), со комплетно уреден невролошки статус.

Докторите објаснуваат дека ваквите резултати се најголема награда за еден спинален хирург. За жал, немаат сите пациенти ваков исход, меѓутоа тие се должни да им ги овозможат макар и најмалите шанси за закрепнување.

„За ваква брза реакција и вакви резултати, потребен е искусен хируршки тим, но и здравствена установа, која располага со сите кадровски и технички можности, почнувајќи од дијагностички, преку интензивна нега и не помалку важна постоперативна нега, физикална терапија и рехабилитација“ – вели д-р Трајковска.