fbpx

ХРАБРО ПРЕД ПРЕДИЗВИКОТ СО КОРОНАВИРУСОТ, РАЈОВСКИ И ТИМОТ СЕКОЈДНЕВНО ОБРАБОТУВААТ СЕ ПОВЕЌЕ ТЕСТОВИ

30.04.2020

LabTim

Можноста да се придонесе во борбата прoтив коронавирусот Ковид – 19, љубовта кон професијата и поддршката која ја добива од тимот и целиот лабораториски персонал се секојдневната мотивација за Среќко Рајовски, магистер по молекуларна биологија задолжен и одговорен за спроведување на процесот за PCR молекуларна детекција на коронавирусот SARS-CoV-2 во Молекуларна дијагностика при Дијагностичките гранки на Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Лабораторијата на „Аџибадем Систина“ е единствената која врши два вида на тестирање за коронавирусот – PCR молекуларeн тест за детекција на коронавирусот и брз серолошки тест за детекција на антитела.

Рајовски е дециден дека пандемијата предизвикана од овој вирус е јасен повик за целно обединување на сите нас.

„Имам чувство како да сите ние обединето полагаме ист испит. Затоа постапките и одговорите мора да ни се усогласени, а ние да соработуваме, само така крајниот резултат ќе биде позитивен заеднички успех препишан на сите нас”, вели тој.

Објаснува дека процесот за изработка на PCR молекуларните тестови за детекција на вирусот е повеќе фазен и подолготраен, односно постапката до конечен резултат трае повеќе часа. Во лабораторијата на КБ „Аџибадем Систина“ сепак, двојно е зголемен бројот на изработка на вакви тестови од 24 на 48 примероци на ден. Дополнително, сега единствено во земјава, во болницата се изведува и нов вид PCR молекуларен тест кој е итен и кој се применува за пациенти за кои е потребна хоспитализација, со што вкупниот број на изведени тестови е 72 на ден.

Во лабораторијата, вели тој, секој ден е динамичен и поразличен од останатите. Пандемијата со Ковид-19, според него, ја потврдува важноста на дијагностичките гранки во здравството.

„За мене и мојот тим е предизвик да се работи на оваа проблематика. Среќни сме за улогата која ја имаме. Знаеме дека дијагностичките гранки во здравството делуваат позадински, но денес сметам дека станавме еднакви и сме пообединети, делуваме заеднички во име на јавното здравје соочено со ваков тип на вирус со пандемиски размер“, вели тој.

ВО ЛАБОРАТОРИЈАТА СМЕ МАКСИМАЛНО ЗАШТИТЕНИ – РИЗИКОТ ОД ИНФЕКЦИЈА Е МИНИМАЛЕН

Во дијагностичката лабораторија на „Аџибадем Систина“ целосно се почитуваат и применуваат протоколите и препораките предложени од СЗО за работа со ваков тип на високо патоген вирус.

„Ризик секако постои, но со одлично организирани услови, со обезбедената лабораториска заштитна опрема и високиот професионализам при работењето ние сме скоро безгрижни и ризикот за инфекција е минимален. Одличен податок за нас е што од почетокот на спроведувањето на молекуларните тестови ниту еден учесник во процесот не се инфицирал со вирусот. Тоа е позитивна потврда дека безбедно и многу професионално делуваме во својата дејност“, потенцира Рајовски.

Целосно посветен на работниот процес, и покрај тоа што често останува прекувремено, тој вели дека на крајот на денот единствено што чувствува од работата е задоволство што може да помогне во вакви услови. Најголема мотивација му се колегите од тимот и поддршката што секојдневно ја добива од нив и од семејството.

„Јас и мојот тим сме горди што работиме на детекција на коронавируст и што можеме да помогнеме во вакви тешки времиња. Поддршката која што ја добивам од нив секое утро кога доаѓам во лабораторија, соработката низ целиот процес, и на крај на денот по завршување на сите работни обврски поздравите и енергијата која си ја упатуваме, независно колку сме уморни се најголема мотивација. Ако денес некој ме праша кои се нашите херои, за мене денес тоа е овој тим, тие се моите херои – вели Рајовски.