Докторите од „Аџибадем Систина“ ми го спасија животот

AcibademSistina Nikolce Stojceski 1

Со долги чекори и широка насмевка, 24–годишниот Николче Стојчески од Прилеп брзаше низ болничкиот ходник, кон амбулантата на Одделот за неврологија. Нестрпливо чекаше да ги види и изненади д-р Милчо Демерџиев и д-р Љупчо Стојковски. Стигна до вратата, ја отвори и силно и гордо извика: „Доктори, гледајте, сам одам, застанав на нозе“.

ПО 4–5 ДЕНА КОМПЛЕТНО ПАРАЛИЗИРАН

Николче дојде на редовен преглед еден месец откако беше отпуштен од болница со тешка форма на полирадикулонеурит, сериозна состојба која го врзала за кревет. Неговото патешествие по болниците започнало со незначајни симптоми, кои биле последица на стомачен вирус, се додека не ја изгубил контролата на целото тело и станал неподвижен.

„Чувствував голема изнемоштеност во рацете и нозете, не можев да се движам и да одам. Неколкупати паѓав во последните денови. Еден ден, враќајќи се кон својот дом, само што излегов од автомобилот, паднав. Се чудев како го возев автомобилот. Другиот ден состојбата беше уште полоша“, објаснува Николче, кого по настанот семејството го однело во болница.

AcibademSistina Nikolce Stojceski 2

ДА БИДЕМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА НАЈЛОШОТО

Пет дена, наместо дијагноза и третман, семејството безнадежно талкало низ болници, додека состојбата на Николче рапидно се влошувала, за на крај воопшто да не го чувствува своето тело и се парализирал од глава до петици. „Прво му беа здрвени нозете, а одземеноста секој ден се зголемуваше и дојде до рацете. Почна да му се здрвува и вилицата па не можеше да јаде. Бидејќи состојбата секој ден се влошуваше, по наше барање дојдовме во Скопје. Сето ова се случуваше во рок од неколку дена. Кога дојдовме тука целиот беше вкочанет, се испаничивме. На крај ни рекоа дека ситуацијата во која се наоѓа Николче може да заврши лошо и да бидеме подготвени за најстрашното. Како мајка, само јас бев присебна и прво на што помислив беше да дојдеме во Клиничката болница „Аџибадем Систина““, објаснува Цвета Стојческа, додека со насмевка го гледа својот син Николче. Го прегрна и низ солзи изјави: „Не сакам да помислам што ќе се случеше да не дојдовме овде”.

ДИЈАГНОЗАТА ПОСТАВЕНА ПО 5 ДЕНА ТАЛКАЊЕ

Николче веднаш бил хоспитализиран во „Аџибадем Систина“ со дијагноза која првпат му ја поставил д-р Милчо Демерџиев, потешка форма на полирадикулонеурит. Секој момент бил важен за да се спаси животот на ова младо момче. „Состојбата наредниот ден драматично се влоши и болеста напредуваше и од одделение беше префрлен на интензивна нега. Беше интубиран и поставен на респиратор поради страшно лошата сатурација, стана комплетно неподвижен со зафаќање на лицевите нерви и мимиката. 4–5 дена беше на канила бидејќи болеста не се повлекуваше, му се стави трахеостома за да се спречат ризиците од правење лузни на трахеата, кои подоцна тешко заздравуваат“, изјави д-р Милчо Демерџиев.

AcibademSistina Nikolce Stojceski 5

НА СЕКОИ ДВА ДЕНА СЕ ПРОЧИСТУВАШЕ КРВТА

По една недела борба, почнале и првите минимални, но значајни знаци на подобрување. Николче почнал да ги движи натколениците и рамениците.

„Беа направени 4–5 плазмаферези бидејќи болеста е автоимуна, му се чистеше крвта на 2–3 дена од антителата. Сите мерки за спречување респираторни инфекции и декубити беа преземени. Се правеа масажи од првиот ден за да се активира комплетната неподвижност. По две недели откако почнаа движењата, го однесовме на одделение каде почна интензивен физикален третман“, обајснува д-р Милчо Демерџиев.

AcibademSistina Nikolce Stojceski 6

ПО 34 ДЕНА БОРБА, КОНЕЧНО, ДОМА

По 34 дена поминати на болничко лекување, Николче заминал дома. Со упорност, за само две недели застана на нозе, а еден месец подоцна почна сам да се движи. Сега, кога има втора шанса за живот, вели дека ќе го живее животот со полна пареа бидејќи, како што вели, не знаеш што те чека следното утро. Болеста за него е минато, единствен спомен се новите пријателства со докторите и персоналот од „Аџибадем Систина“.

НЕ ГУБЕТЕ ЈА НАДЕЖТА

„Презадвоволен сум од услугата овде, одличен 5. Од храна, до нега. Во ниту еден момент не бев оставен сам. И во интензивна нега и на одделение. За мене се грижеше цел тим доктори. Ивица, двете Ивани, Саше – сите беа постојано со мене. Кога имаа слободно време доаѓаа и ми правеа друштво. Одвојуваа од своето време и ми го посветуваа мене. Ми ја враќаа надежта дека ќе биде добро и дека пак ќе станам на нозе. Да не ја заборавам и Ана Антовска, која секој ден ме посетуваше и се грижеше мојата исхрана да биде најдобра. Ги советувам и другите пациенти никогаш да не губат надеж бидејќи за се има лек. Како што се најде за мене, така има и за другите”, изјави Николче за времето поминато во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

AcibademSistina Nikolce Stojceski 3

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРНИОТ ПРИСТАП ДАДЕ РЕЗУЛТАТИ

„Навремениот мултидициплиниран пристап во лекувањето на овие болести дава резултат, дел од тој пристап е плазмафереза. Тоа е процедура која ние рутински ја работиме поради искуството на тимот. Оваа процедура придонесе за брзо заздравување на Николче. Плазмафереза значи промена на плазмата од телото, со што се прочистуваат и антителата кои ја причинуваат болеста“, изјави д-р Љупчо Стојковски .

AcibademSistina Nikolce Stojceski 4

ПОСЕБНА ИСХРАНА ЗА НИКОЛЧЕ

„Д-р Љупчо Стојковски ме повика да се погрижам за исхраната на едно младо момче на кое му е потребен специјален хиперкалориски и хиперпротеински внес на храна. Заeдно се упативме кон Одделот за интензивна нега и тогаш за првпат се сретнав со Николче. Тој немаше апетит, беше малку вознемирен и се плашеше да голта, а со тоа не внесуваше доволно хранливи материи. Поразговаравме и се договоривме дека мора да почне со внесување храна за да заздрави. Николче ги прифати моите совети, и почна да добива на сила и тежина. Бев пресреќна. Секојдневно одев кај него два до трипати до неговото излегување од болницата за да се договараме за секој оброк, да проверам дали внесува доволно калории и хранливи материи. Посебно ме израдува телефонски повик ден по неговото одење дома, во кој тој поита да ми каже дека јаде се како што сме се договориле, да не се грижам и дека се чувствува прекрасно. Задоволството по ваква успешна соработка, која е заснована на доверба, навистина нема цена. Мојата професија има и друго име, а тоа е љубов! “ изјави Ана Антовска, нутриционист.

Контакт Аџибадем СистинаЗакажи преглед, термин


 Acibadem Sistina Fotogalerija


 acibademsistina bitola galerija


gurs banner


Спортски спонзорства

Мобилни апликации

Online Library