Повторно одам благодарение на д-р Караѓозов

Делумната ампутација не е успешна, флегмоната се шири и затоа мора да ти ја ампутираме ногата до глужд. Доколку не се направи тоа, за многу кратко време ќе ја изгубиш ногата до колено – ми соопшти лекарката која ме водеше додека со фломастер црташе преку преврската до каде би требало да ми се ампутира ногата. Во тој момент немав крв во мене. Низ главата ми поминаа илјадници мисли. Не можев да замислам дека нема да можам да одам повеќе, дека никогаш повеќе нема да облечам чевел, патика, дека никогаш повеќе нема да облечам влечки за на плажа.

Договораа втора операција која ќе значи ампутација

Како е можно ова? Како од дијагнозата „дијабетско стапало“, со која отидов на рутинска операција, а професорката ја преправи во „циста“, наеднаш добив „флегмона“, на 13. ден по операцијата, кога преврските, по совет на лекарите, ги правев секој втор ден и сè беше в ред? Ова беа само мал дел од илјадниците прашања што ми се свртеа низ глава додека ги гледав сестрите и лекарите како ме сместуваат во креветот во соба со 7 пациенти, констатираат дека шеќерот достигнал до 20 и договораат втора операција која ќе значи и ампутација. Тие денови, на температури од 40 степени надвор, во јули, за мене беа пекол. Низ собата во која бев сместен поминаа десетици колеги, пријатели, познаници, многу медицински персонал. Секој се трудеше да ми помогне колку што може, од стручен до пријателски совет. Но, како минуваа деновите, ситуацијата стануваше неиздржлива, поставената дијагноза дека треба да се ампутира ногата колегиумот ја прифати и операцијата беше закажана. Не помогнаа моите молби да ми се направи ангиограф за да се видат затнувањата на крвните садови, па сè беше задоволено со доплер и објаснување дека најдобро е да се отвори ногата, па тогаш да се види до каде ќе се интервенира, а не да се прават снимки.

sashe dimovski 3

На моја одговорност, ја откажав операцијата

Во целото бунило, клучни за мојата одлука  да ја откажам операцијата беа двајца членови на тимот кои ме советуваа да побарам помош од друга институција и да не дозволам да ми се ампутира ногата бидејќи беа убедени дека мора да има и друго решение. Првиот совет ми беше да го барам  доктор Митко Караѓозов во „Систина“ или да одам во соседна Бугарија.

Со помош на моја пријателка, контактот беше воспоставен, беа направени сите испитувања и доктор Митко Караѓозов прифати да ме оперира. Потпишав дека на моја одговорност ја откажувам операцијата и ја напуштам болницата и ме примија во „Аџибадем Систина“. Следуваа испитувања, снимања, чистење на раната, почна третман со „сребрени гази“.

Ми се врати насмевката

По неколку дена бев ставен на програма за операција. Како што јас се сеќавам на секој детаљ, на секоја минута помината во Болницата, верувам дека така се сеќава и персоналот на мене. На „молењето“ со сестрите кога требаше да ми го проверат шеќерот на секој 6 часа, на терапијата од 6 наутро која завршуваше во 2 по полноќ. Секој што барем малку го запознал д-р Караѓозов знае за каков стручњак станува збор, но како доктор е „скржав“ на зборови и малку зборуваше за тоа што ме очекува. Неизвесноста беше страшна од една страна, но добра од друга: ми се врати насмевката, шеќерот се симна, терапијата ги покажа првите резултати. Секој кој ме знаеше од претходно ја забележа промената кога ќе ме видеше во апартманот во кој бев сместен во „Аџибадем Систина“.

sashe dimovski

Ногата се спаси од ампутација

Лесно ја поднесов хируршката интервенција, бајпасот беше направен, за неколку часа почнаа вежбите за движење од страна на физиотерапевтите. Условите, сместувањето и негата си го направија своето, па јас и сите кои доаѓаа да ме посетат се гледавме во ново, надежно светло, дека зад мене е помината една криза, дека ногата е спасена од ампутација, иако бев свесен дека ме чека долг процес на рехабилитација, кој по три интервенции на ногата траеше речиси 6 месеци.

По 6-месечни маки, застанав на нозе

Доаѓав секојдневно на преврски во „Аџибадем Систина“, на контроли, земав терапија. Едвај успеав да измолам 10 дена за да заминам во Охрид, колку да видам вода кон крајот на август. Читајќи го отпусното писмо, и тоа во каква состојба сум бил примен (сериозно критична) и сега се ежам од помислата што можеше да ми се случи ако не дојдев во последен момент кај д-р Митко Караѓозов. Благодарејќи на мојата 20-годишна работа се покажа дека знам многу лекари на различни оддели во оваа болница, кои не пропуштија да ме прекорат зошто сум чекал и сум дозволил на крај да им се обратам за помош. Но, јас не бев стручен да направам проценка што треба да се направи и кога, но ете, среќата сакала на крај, по 6-месечни маки, по три интервенции, различна терапија, помагала за одење, повторно да застанам на нозе, да можам да одам и да немам поголеми проблеми.

sashe dimovski 2

Бев горд што некому помогнав

На една од контролите д-р Караѓозов ме повика и побара да му објаснам на еден пациент, на кого во друга болница му ги ампутирале прстите, дека ми е направен успешен бајпас, дека ногата ми е спасена и дека не треба да се плаши. Јас, кој не можев да гледам што ми е мене ампутирано, собрав храброст да му објаснам на пациентот да не се колеба, па средбата заврши со негова констатација дека нема дилема и дека ќе ја прифати интервенција. Бев горд што, ете, некому му помогнав со сугестија, а „лут“ на д-р Караѓозов кој ме бутна во оган! Кратко време по оваа средба  почнав и сам да правам преврски и нега на ногата, што до тогаш ми беше незамисливо.

Сега, ми останува обврската да продолжам да бидам максимално дисциплиниран во консумирање на храната и да го „држам“ шеќерот под контрола.

Бескрајно благодарен

Саше Димовски

Контакт Аџибадем СистинаЗакажи преглед, термин


 Acibadem Sistina Fotogalerija


 acibademsistina bitola galerija


gurs banner


Спортски спонзорства

Мобилни апликации

Online Library