Daily Dose of Health  

 

Регистрирајте се за да ги добивате најновите информации за здравјето од нашиот стручен тим  

Пребарај

„Доколку пред десетина години поленските алергени беа носечки по осмата или деветтата година на животот, последните години тие се тригер-фактори за страдања и кај деца на возраст околу четвртата година на животот. Основна особеност дали една индивидуа ќе има тешкотии или не лежи во нејзиниот генетски код.“ вели проф. д-р Гордана Маческа-Баџакова, педијатар-пулмоалерголог во Клиничка болница „Аџибадем Систина“.

1. Со доаѓањето на пролетта почнуваат и проблемите со сезонските алергии, кои се најчестите алергени?

Почнувајќи од првите денови на пролетта, па некаде до средината на есента, популацијата од целата Земјина топка ќе се соочува со тешкотии и од вдишувачките алергени (попознати како инхалаторни алергени). Особеноста на овој тип вдишувачки алергени е што се појавуваат привремено (сезонски) и со тоа нивното траење е неколку последователни месеци. Честопати во почетокот на сезоната на полен и на нејзиниот крај истовремено се присутни и вирусните инфекции. Како што се менува вегетацијата, така се менуваат и предизвикувачите на поленски тешкотии. Со првите денови на пролетта доминантни вдишувачки алергени што се присутни во нашата надворешна средина се поленот од леска, евла, бреза и кипарис. Април-мај ќе биде период на зголемена концентрација на полен од брест, јасен, даб и бел и црн габер. Во периодот од средина на мај до крај на септември тешкотиите ќе бидат резултат на присутни поленови честички во воздухот - на полен од треви, полен на амбросија, како и полен на плевел (троскот), алтернаријара и мувли.

2. Светската здравствена организација и Светската астмолошка асоцијација го прогласија 21 век за век на епидемија на алергиските болести со акцент на респираторните алергиски тешкотии.

За жал, не се справуваме само со присутните алергени во воздухот што го дишеме. Јачината и несаканата зголемена потентност на вдишувачките алергени е потпомогната и од високата аерозагаденост, особено присутна висока концентрација на киселите радикали од типот на азотните, сулфурните, озонските честички, бензоатите и слични на нив, кои вршат голема лезија на респираторната лигавица, ја зголемуваат моќта на присутните алергени и воедно овозможува аероалергените да поседуваат поголема пенетратна моќ, и како резултат следува поголем број индивидуи да имаат алергиски тешкотии и појака клиничка слика, која не се смирува толку лесно со пропишаната терапија.

3. Секој четврти Македонец страда од алергии, а од година на година сè повеќе се зголемува бројот на луѓе што имаат алергиски ринитис.

Една особеност за општата популација на територијата на нашата држава во последните десетина години е намалување на возрасната граница кај децата за почнување со респираторни тешкотии провоцирани од присутноста на полен во воздухот. Поточно, доколку пред десетина години поленските алергени беа носечки по осмата или деветтата година на животот, последните години тие се тригер-фактори за страдања и кај деца на возраст околу четвртата година на животот. Основна особеност дали една индивидуа ќе има тешкотии или не лежи во нејзиниот генетски код. Постојат повеќе генски локуси што се носители за потенцијални можни тешкотии, лоцирани на повеќе хромозоми. За да постои проблем, потребно е индивидуата со самото раѓање да го носи потенцијалниот ген за алергиско страдање кое се ’разбудува‘ живеејќи во околина која е богата со алергени.

4. Кои се најчестите симптоми со кои се соочуваат пациентите?

Клиничките тешкотии варираат од човек до човек, од детска до адултна возраст. Најчести клинички тешкотии се на лигавицата на носот и се пројавуваат како алергиски ринитис - бистра, воденеста носна секреција, чешање на носот, кивање во салви и носна оптурираност. Тешкотиите се особено присутни кога лицата престојуваат на отворено, во ветровити денови, како и по пролетни и летни дождови. По 9-10. година на животот, следуваат тешкотии од очната лигавица - чешање и боцкање во очите, солзење и црвенило кое се надоврзува, најчесто на проблемите од алергискиот ринитис. Кај одредени индивидуи, не толку ретко, може да проследат и тешкотии од типот на отежнато и свиркаво дишење, кашлица со глад за воздух, а кај некои, поретко, и засипнатост на гласот.

5. Како се третираат? 

Третирањето на алергиите се врши со внесување лекови што имаат моќ да ја намалуваат воспалителната алерген-компонента (имаат антиинфламаторен ефект), по претходна детекција на алергенот што ја причинува клиничката слика (реализирајќи кожни алерголошки тестови за инхалирачките алергени). Третманот бара упорност, подолго користење на пропишаните лекови од лекарот алерголог, редовно земање на терапијата и придржување до практичните мерки: пократок престој на отворено меѓу 12-13 и 20 часот (активностите да се изведуваат рано наутро или доцна навечер), миење на телото - туширање со чиста вода (секојдневно користејќи шампони за високосензитивни индивидуи), како и носење на капа и очила, затворање на прозорците од автомобилите додека се возиме и затворање на вратите и прозорците од нашите домови во период на ветровити часови од денот. Секој може да почне да манифестира алергиски тешкотии во која било животна возраст, од 7 до 70 години, за што е потребно да се поседува генетика за тоа и присутни фактори во надворешната средина што го откочуваат генот што се носи.

Најди доктор Закажи преглед Контакт

Вашите коментари се од голема важност за нас.. Приложените текстови не заменуваат стручно мислење. За детални информации за вашето здравје потребна е консултација со доктор. За информации за услугите на Аџибадем Систина, ве молиме пополнета ја нашата WebMail форма.